Историски миг за фудбалот во Норвешка

„Ова е историски момент за фудбалот во Норвешка“, изјави Кјетил Кнутсен, тренерот на Боде/Глимт, по историскиот пласман на неговиот тим во осминафиналето на Лигата на шампионите.

По убедливата победа од 3:1 во Норвешка, Боде/Глимт приреди сензација во Милано, победувајќи го Интер со резултат 2:1.

„Ова е неверојатен и историски момент за нашиот клуб и за целокупниот фудбал во Норвешка. Исклучително сум горд, бидејќи ние сме тим од мал град. Искрено се надевам дека ќе покажеме дека ако ние можеме да го направиме тоа, тогаш секој може. Тоа е најубавото во нашата приказна“, додаде Кнутсен во изјавата за „Скај Спортс“.

Тренерот е свесен дека среќата игра важна улога во вакви натпревари.

„Интер е навистина добар тим и во првото полувреме имавме малку среќа. Тие работеха напорно, добија многу дуели и создадоа шанси, но ние се браневме одлично“, продолжи Кнутсен.

Прочитајте и:  ИОК ја укина суспензијата за руските спортисти

По него, зборот го зеде капитенот Патрик Берг.

„Секој момент од оваа приказна е неверојатен. Ова е значаен успех за нашиот клуб и за градот. Никој не веруваше дека можеме да победиме тимови како Манчестер Сити и Атлетико, а сега повторно ја победивме и Интер. Вистински величествено!“

Тој истакна дека не му е важно кој ќе биде следниот противник, без разлика дали ќе биде Манчестер Сити или Спортинг.

„Ова е помалку важно за мене. Задоволен сум со можноста да играме против нови тимови. Бидејќи, ако го извлечеме Спортинг, би било прекрасно да одиме во Лисабон. Но, ако е Сити, со радост ќе ги пречекаме во Норвешка, а очигледно ќе одиме и во Манчестер за натпревар“, заврши Берг.

Ждрепката за осминафиналето на Лигата на шампионите е закажана за петок.