Самата помисла на игли ги плаши повеќето луѓе, но научниците од Националниот Универзитет во Сеул, Јужна Кореја, се надеваат да го елиминираат тој страв со ласерски инјекции.
Системот користи ласерски пулсеви за создавање прецизно контролиран тек со ширина на човечко влакно. Инјекцијата е насочена кон епидермусот – дел од кожата во кој нема нервни завршетоци – за да го создаде она што Џек Јо го опишал како „комплетно безболно“ искуство.
Текот со висок притисок може да инјектира лекови без да го оштети ткивото, слично како и технологијата без игли која ја развиваат истражувачите од MIT. Јо објаснил дека „Притисокот на текот е повисок од цврстината на кожата што значи дека тој ќе пробие без проблем во посакуваната длабочина“.
Јо, професор по механички и аеро инженеринг, ја развива технологијата со помош на студенти од Националниот Универзитет во Сеул. Тимот сега работи на создавање евтини инјектори во надеж дека технологијата наскоро ќе биде достапна за масовни вакцинации на деца. [YAG laser pulse for small-dose splashback-free microjet transdermal drug delivery]