Идејата за отворање центри за рехабилитација на украински војници начелно прифатлива, треба да се разработат деталите, велат од Кабинетот на Пендаровски

Идејата за отворање на центри за рехабилитација на ранети и повредени украински војници во земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, начелно е прифатлива за нас, но потребно е конкретна разработка на деталите што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе земат учество во програмата, велат од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски.

На прашање од МИА дали има пристигнато официјално барање и дали ова прашање е разговарано на седница на Советот за национална безбедност, за тоа какви би биле импликациите по националната безбедност, од Кабинетот на претседателот информираат дека станува збор за првичен предлог од страна на премиерот на Хрватска и претседателот на Црна Гора, со оглед на тоа дека тие две држави веќе имаат искуство и капацитети за рехабилитација од воените дејствија во 1990-те.

–  Идејата, начелно, е прифатлива за нас, при што е потребна конкретна разработка на деталите што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе изразат согласност да земат учество во оваа програма, се вели во одговорот од Кабинетот на Пендаровски.

Идејата балканските држави, вклучително и земјава, да помогнат во рехабилитацијата на деца и војници од воените зони во Украина, како што објави на Х претседателот на Украина Володомир Зеленски, била дискутирана на средби со Пендаровски и претседателот на Црна Гора – Јаков Милатовиќ, на самитот Украина – Југоисточна Европа што се одржа во Тирана на 28 февруари.

Прочитајте и:  Јелен: САД продолжуваат да бараат начини да ги намалат приходите на Русија од нафтата

Зеленски, како што објави по средбата, го информирал Пендаровски за моменталната ситуација на бојното поле и за одбранбените потреби на Украина, и изразил благодарност за целата политичка поддршка и јасниот став за иднината на Украина во НАТО. Истовремено ја потенцирал важноста од учеството на земјава во имплементирање на Мировната формула и подготовките за првиот Глобален мировен самит во Швајцарија. Посебно внимание, информираше Зеленски, посветиле на можноста за етаблирање на рехабилитациски центар за ранети украински војници и украински деца со помош на балканските држави.

- Реклама -