Претседателот на Хонда, Таканобу Ито, официјално ја потврди работата на нов модел од Хонда кој се очекува да биде спортски мотор со V4 агрегат.
Новиот модел треба да ја продолжи историјата на RC30, моделот кој беше претставен во 1987-та година и кој претставува вистинска тркачка машина легална за возење по улица. Иако претседателот на Хонда не откри поголеми детали за новиот мотор, извесно е дека со крајот на фискалната година за Хонда ќе започне производството на нов модел.
Она што наголемо се шпекулираше во изминатиот период е дека Хонда работи на нов модел кој ќе потекнува од МотоГП моделот RC213V. Со оглед на тоа што CBR1000RR годинава доби нов лик, претпоставуваме дека нема да прават надградба на тој модел туку се работи за целосно нова машина која ќе биде подобра и побрза, она што на многумина им пречи кај сегашниот модел кој развива 170кс и е далеку зад конкуренцијата.
Доколку Хонда навистина развие продукциски мотор кој ќе потекнува од MotoGP Honda RC213V моделот, убедени сме дека ќе се исполни најавата на претседателот на Хонда, дека компанијата со овој модел започнува со испишување на новата историја.
Нестрпливи сме да дознаеме повеќе за новостите од Хонда, а доколку се остварат шпекулациите дека Хонда ќе претстави концепт на овој мотор на саемот „EICMA“ во Милано, ќе имате ексклузивна можност да ги видите и фотографиите од него.
Објавено во соработка со Мотори.