Герасимовски: На Водно ја продолжуваме традицијата, бадниковите гранчиња нека ни донесат здравје, среќа и благосостојба.

3

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска се приклучи на бадникарите од Скопје на јужните падини на Водно, продолжувајќи ја традицијата на собирање дабови гранчиња пред Бадник. Првите гранчиња симболично ги пресекоа бадникарскиот кум Зоран Кондратенко и здравичарот Јаков Дренковски, со што беше означен почетокот на бадникарските активности.

„Секој пат, овде на Водно, се собираме за да ги зачуваме и одбележиме македонските вековни обичаи. Општина Центар секогаш ќе биде покровител на настани кои ја негуваат традицијата и духовните вредности,“ изјави Герасимовски.

На настанот, организиран од здружението „Одбор за традиционална прослава на Бадник“, граѓаните беа почестени со посна трпеза, а во весело расположение испратија пораки за здравје, среќа и благосостојба за празниците. Собраните бадникови гранчиња, како симбол на сила, здравје и среќа, на 6 јануари ќе бидат поделени на верниците при централната прослава во Соборниот храм.