Фудбалската асоцијација (ФА) одлучи да изрече строги санкции на Челзи и Вест Хем поради масовната тепачка што се случи на крајот од натпреварот во Премиер лигата на „Стемфорд Бриџ“ на 31 јануари. Тој натпревар заврши со пресвртот на домашниот тим, кој успеа да го надомести заостанувањето од два гола и да триумфира со 3:2.
Челзи ќе мора да плати казна од 325.000 фунти (околу 372.600 евра), додека Вест Хем Јунајтед е казнет со 300.000 фунти (околу 344.000 евра) за учествувањето во инцидентот, во кој вовлечени беа околу 20 играчи.
Ситуацијата ескалираше кога крилото на Вест Хем, Адама Траоре, го собори на земја дефанзивецот на Челзи, Марк Кукуреља, по што започна пресметка со Жоао Педро. Другите играчи интервенираа за да ја прекинат тепачката.
По смирувањето на конфликтот и прегледот на видеоматеријалот, главниот судија Ентони Тејлор го исклучи Жан-Клер Тодибо од Вест Хем, откако утврдил дека играчот го држел Педро за вратот со двете раце.
Во соопштението, ФА потврди дека „ФК Челзи не успеа да обезбеди дека неговите играчи ќе се однесуваат соодветно во 95-та минута на натпреварот“.
И Вест Хем Јунајтед е обвинет за идентичен прекршок. ФА објави дека двата клуба се изјасниле за виновни по овие обвиненија.
Фото/ EPA




