Фон дер Лајен уверена дека ќе има мнозинство за уставни измени, Ковачевски ја повика опозицијата да не биде „сидро на деструкција“

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, смета дека ќе се постигне мнозинство и уставните измени ќе бидат изгласани.

„На билатералната средба зборувавме за оваа важна тема за уставните измени. Сигурна сум дека луѓето од Северна Македонија ќе постигнат мнозинство и ќе гласаат позитивно за уставните измени. Постигнавте многу, бевте успешни во напредувањето и сигурна сум дека ќе најдете убедливи аргументи за сите да сфатат дека сите се одгворини за придонес кон тоа земјата да се движи напред. Ги повикувам сите политичари да го остварат сонот на младите луѓе кои сакаат да се дел од ЕУ“, рече Фон дер Лајен, одговорајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски, пак, ја повика опозицијата да не биде „сидро на деструкција“. Не смееме повеќе да си дозволиме, рече тој, позицијата да работи забрзано кон ЕУ, а опозицијата да биде сидро на деструкција и спротивен правец. Според него, опозицијата им должи на граѓаните да ги одблокира и да ги сработи заедно со власта реформите кои ќе ги забрзаат реформите со ЕУ со цел земјата побрзо да стане полноправна членка на унијата.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

„Уште еднаш ја повикувам опозицијата во Собранието да се обединиме заради иднината на државата. Тоа се однесува на преговорите со ЕУ, но и на уставните измени кои нѐ очекуваат веднаш штом завршиме со процесот на скринингот. За жал, се однесува и на сегашното однесување на опозицијата. Ние не смееме повеќе да си дозволиме извештај на ЕК да нотира дека опозиција блокира европски реформи во Собранието. Не смееме повеќе да си дозволиме позицијата да работи забрзано кон ЕУ, а опозицијата да биде сидро на деструкција и спротивен правец. Опозицијата им должи на граѓаните да ги одблокира и да ги сработи заедно со нас реформите кои ќе ни ги забрзаат реформите со ЕУ за побрзо да станеме полноправна членка. Навистина би било страшно доколку се блокира патот кон ЕУ поради политички игри. Искрено се надевам дека ќе сме обединети за иднината на нашата земја и за иднината на нашите граѓани“, истакна Ковачевски во обраќањето на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен.

Извор: МИА

- Реклама -