Финските лидери одлучија: Финска треба итно да поднесе барање за членство во НАТО

Финска треба да аплицира за членство во НАТО, се наведува во денешната заедничка изјава на финскиот претседател Саули Нинисто и премиерката Сана Марин, пренесуваат британските медиуми.

Оваа одлука, што треба да биде одобрена во парламентот, е донесена по рускиот напад на Украина.

„Финска мора без одлагање да поднесе барање за членство во НАТО“, се наведува во заедничката изјава на финскиот претседател и премиерка.

Додека финската влада ја соопштуваше одлуката за апликација за полноправно членство во НАТО, министерот за надворешни работи на земјата – Пека Хависто, се обраќаше пред европратениците.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Хависто истакнал дека инвазијата на Украина од страна на Русија трајно го изменила безбедносниот пејзаж во Европа и во Финска.

Потенцирајќи дека поради потегот на Русија поддршката во финската јавност за членство на земјата во НАТО се искачи на историски 70 отсто, тој наброја низа причини поради кои Финска го промени курсот на својата надворешна и безбедносна политика во правец на приклучување кон Алијансата; Непредвидливото однесување на Русија, употреба на неконвенционално и забрането оружје како нуклеарното и хемиското, непочитувањето на европската безбедносна архитектура од страна на Русија и нејзината подготвеност да врши силен притисок врз нејзините соседи преку испраќање на трупи на границите, се некои од клучните причини зашто Финска смета дека треба да им се придружи на евроатлантските партнери, рече шефот на финската дипломатија.

Апликацијата за членство/членството во НАТО ќе помогнат да се стабилизира балтичкиот регион, а Финска ќе придонесува за регионалната стабилност и ќе го зајакне НАТО, оцени Хависто. Тој потенцирал дека Финска е демократски силно докажана според критериумите на НАТО, има кредибилна одбрана која е интероперабилна со НАТО, и ќе биде додадена вредност за Алијансата.

Во однос на поддршката за Украина, пред европратениците Хависто истакна дека треба да се продолжи да ѝ се испраќа помош на земјата, како хуманитарна, така и воена. Тој посочи и дека Финска веќе примила 20.000 украински бегалци, а подготвена е да прими уште десетици илјади.

Извор: МИА

- Реклама -