ЕУ се закани со „план Б“ доколку Унгарија и Полска не го повлечат ветото, засега само фрустрација за блокадата од Бугарија

Унгарија и Полска остануваат на својата одлука за вето на идниот буџет на Европската унија и ковид фондот за обнова, истакна унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по средбата со неговиот полски колега денеска во Брисел.

„Потврдивме дека стоиме рамо до рамо. Нема да дадеме простор за никаков обид кој би имал за цел да ја наруши оваа соработка“, рече Сијарто во видео обраќањето на Фејсбук.

Европската унија, пак, побара, најдоцна денес или утре, сигнал од Полска и Унгарија дека нема да го блокираат ЕУ буџетот и фондот за обнова. Во спротивно, се закани дека ќе состави нов буџет и фонд без двете земји членки, предупреди денеска висок ЕУ дипломат, пренесува „Ројтерс“.

И Полска и Унгарија се под надзор на ЕУ за поткопување на правната и медиската независност и поради тоа го блокираат буџетот и фондот за обнова, затоа што не се согласуваат услов за добивање на парите да биде владеењето на правото и демократските норми.

„Мора да имаме договор со Унгарија и Полска до денес или најдоцна утре. Ако не, ќе мора да преминеме на сценарио Б“, предупреди ЕУ дипломатот.

Како што пренесува „Ројтерс“, сценарио Б ќе значи донесување на фонд за обнова од 750 милијарди евра во грантови и заеми за само 25 земји членки, без Полска и Унгарија. Според ова сценарио, следниот дологорочен буџет од 1.1 трилион евра ќе остане блокиран. Наместо тоа, во 2021  година ЕУ ќе се финансира преку привремен буџет што ќе значи запирање на нови проекти и радикално скратување на средствата дури и за веќе постоечките. Сепак, иако тоа ќе ги афектира сите ЕУ членки, најмногу ќе ги погоди Полска и Унгарија, кои се корисници на големи бенефиции од ЕУ фондовите, заклучува агенцијата.

Европската комисија посочи дека ваквата операција би се одвивала во рамките на процесот за таканаречена „засилена соработка“, предвиден од ЕУ за проекти за кои се согласуваат и сакаат да учествуваат барем девет земји-членки, додека останатите не сакаат. Таков фонд би можел да биде договорен во рок од неколку недели, што значи дека парите би почнале да „течат“ кон средината на 2021 година, како што беше и првично предвидено.

Прочитајте и:  Министри на ЕУ членки: Путин продава лаги за руската економија, која со „советизацијата“ оди кон пропаст

Во меѓувреме, од ЕУ нема никаков сигнал за некакво резервно сценарио за блокадата од Бугарија на евроинтеграцијата на Македонија, посочува „Независен“.

„Кога треба да се делат парите од планот на ЕУ за ублажување на последиците од пандемијата од Ковид-19 тогаш Унијата настапува строго и речиси бескомпромисно, но кога треба да се укаже на малтретирањето на една земја-членка кон друга држава кандидат, тогаш се повикува на неопходниот компримис“, критикува порталот.

Имено, денеска ЕУ дипломати информираа дека поради црвеното светло од Бугарија, целосно се блокирани Заклучоците на министрите на ЕУ за проширувањето на земјите од Западен Балкан (со други зборови, и почетокот на преговорите за Албанија) и малку е веројатно дека ќе се најдат на дискусија на утрешниот состанок на Советот на ЕУ во чија агенда се ставени под точката „разно“. Тие посочија и дека Германија е фрустрирана од неуспехот да ја убеди Бугарија да ја крене рампата за почеток на преговорите. Но, исто така, изворите од Брисел информираа и дека мали се шансите проширување да се најде на дневен ред и на состанокот на лидерите на ЕУ на 10 и 11 декември, затоа што агендата е „преполна“ со други теми, како ЕУ буџетот, фондот и одговорот на пандемијата, односите со Турција и САД, климата и идните односи со Велика Британија.

Во контекст на ова, на денешниот онлајн самит со „Пријатели на Европа“, претседателот Стево Пендаровски испрати прилично јасна порака до ЕУ, истакнувајќи дека е време за нов пристап на Унијата, затоа што интеграцијата на земјите од Западен Балкан треба да е главна стратешка и геополитичка одлука, а не техничко прашање.

 

- Реклама -