Ердоган: Ниту САД ниту Русија нема да се обидат да употребат нуклеарно оружје

Ниту САД ниту Русија нема да се обидат да употребат нуклеарно оружје, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган по состанокот на шефовите на разузнавачките служби на двете земји во Анкара.

„Според информациите што ги добив од мојот директор на разузнавачката служба за САД и Русија, ниту една од нив нема да се обиде да употреби нуклеарно оружје“, подвлече Ердоган, пренесува Анадолија.

Шефот на ЦИА, Вилијам Барнс и неговиот руски колега Сергеј Наришкин имаа средба на почетокот од неделата во Анкара, потврдија претходно од кабинетот на Ердоган.

Тогаш Барнс, како што соопшти Белата куќа, го предупредил рускиот шеф на разузнавачката служба за последиците од прибегнување кон нуклеарно оружје во Украина. Од Белата куќа рекоа дека на состанокот „не се работело за какви било преговори“ ниту за „разговори за решавање на војната во Украина“.

Извор: МИА

- Реклама -