Ердан: Црн ден за „Обединетите нации“ и за човештвото

Израелскиот амбасадор во Обединети нации, Гилад Ердан, ја отфрли денешната резолуција на ОН, со која се бара хуманитарно примирје во Појасот Газа, истакнувајќи дека Израел ќе продолжи да се брани.

„Ова е црн ден за ОН и за човештвото … Сите сме сведоци дека ОН повеќе не поседуваат ниту една унца легитимност или релевантност“, истакна Ердан, додавајќи дека Израел ќе ги употреби „сите средства“ во борбата против Хамас.

Генералното собрание на Обединети нации вечерва со мнозинство гласови усвои резолуција со која се повикува на итно хуманитарно примирје во Појасот Газа.

Во резолуцијата, на предлог на Јордан во име на арапските држави, се осудуваат сите акти на насилство против палестинските и израелските цивили, како и терористичките и неселективнио напади.

Исто така се повикува на непречена помош и заштита на цивилите.

Резолуцијата е усвоена со 120 гласа „за“, „против“ 14 и 45 „воздржани“.

Ердан со реакција се јави и на социјалната мрежа „X“ (ака. Твитер).

„Важно е да се разбере што се случи сега во гнилото и бедно тело наречено ‘ОН’“, напиша тој, па образложи: „Јордан поднесе предлог за резолуција како дел од ‘итна дискусија’, која повикува на прекин на огнот и не го спомнува постоењето на Хамас (!) ниту со еден збор. Предлогот, исто така, не бара конкретно итно ослободување на Израелците киднапирани од Хамас. Канада поднесе едноставен амандман на одлуката. Осудување на Хамас за масакрот на 7/10 и повикување на ослободување на нашите заложници. Едноставно, не? Не во ОН. На конференција за мир и безбедност потребни се 2/3 за да помине амандман или одлука. Канадскиот амандман имаше мнозинство, но не и 2/3, па не помина и не беше вклучен во јорданскиот предлог. За него гласаа 88 (сè уште помалку од половина од земјите на ОН) и 55 против. Потоа преминавме на гласање за пристрасната и штетна јорданска одлука – ја поддржаа 120 земји. И 14 беа против. И 45 воздржани!!! Оние кои се воздржаа не беа броени заради пресметување на 2/3 од учесниците во гласањето, така што оние што беа воздржани всушност помогнаа да помине одлуката на Јордан. Дури и да беа против, таа сепак ќе поминеше, но за малку. Во секој случај, ова е црн ден за ОН, кои конечно изгубија секаква важност или легитимитет“, напиша Ердан.

Прочитајте и:  Трамп повика на брз прекин на војната на Израел со Хамас

Одлуките на Генералното собрание, инаку, не се правно обврзувачки, но имаат морална тежина поради универзалноста на членството.

- Реклама -