Експертите за уставни измени се дел од семејните стебла на ДУИ и на СДСМ, за сѐ тоа ќе има одговорност – вели Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека ништо не очекува од експертската група за уставни измени, но дека очекува дека ќе има одговорност и дека отпочнувањето на постапката нема да успее. Тој не сакаше да го коментира составот на експертите што вчера го објави Министерството за правда, велејќи дека се срами од „нивниот срам“.

„Експертите? Тие се експерти? Немам што да додадам за семејните стебла во ДУИ и во СДСМ. Се срамам од нивниот срам“, рече Мицкоски прашан за коментар за составот на работната група.

Како што рече тој, очекува постапката за уставните измени да потфрли уште во првиот чекор – а тоа е отпочнувањето на постапката и утврдување на потребата за отворање на Уставот.

„Тоа ќе биде уште една политика на Ковачевски која што не успеала и потоа следи кривична одговорност за оние коишто ќе земаат хонорари од народот, а практично нема да сработат ништо бидејќи нивната работа е беспредметна, така што можам да кажам – еве го повикувам Ковачевски да не биде кукавица и веднаш да ја достави иницијативата до Парламентот и пратениците во Парламентот да го дадат својот став по тоа прашање“, рече Мицкоски, кој присуствуваше на промоција на книга во Социјалистичката партија.

Тој го повтори она што претходно и претседателот на СПМ го порача – дека коалицијата „За обнова на Македонија“, која во Парламентот брои 44 пратеника, нема да ја поддржи оваа иницијатива за отворање на Уставот.

„Час поскоро да ја затвориме оваа тема, имаме поважни работи – нѐ крадат при здрави очи, пљачкаат милијарди од народот, здравството ни е катастрофа, децата во школо немаат книги, дајте тоа да зборуваме. Ова треба да го игнорираме и да го затвориме. Ова е уште една политика на Димитар Ковачевски која што ќе биде поразена, а јас ќе повторам: за ова ќе има одговорност. Повторно ќе кажам, не знам колку сериозно нѐ разбираат, но за ова ќе има одговорност“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

Лидерот на Социјалистичката партија – Љупчо Димовски, по завршување на настанот изјави дека нивниот став за какви било уставни измени е затворен.

„Ние не знам колку пати тоа го имаме изјавувано, еве и сега во оваа прилика, од неколку причини. Прво, затоа што сметаме дека тоа е штетно по интересите на македонскиот народ и на македонската држава. Второ, тоа е последното барање кое што е доставено од страна на источниот сосед за кое што ние своевремено, пред година дена… не е тоа толку далечен период… инсистиравме како опозициска партија да бидеме во тек со разговорите коишто ги има нашата власт со бугарската страна. Бевме одбиени со многу плиток изговор дека има работна група и дека раководните личности во државата за тоа не знаат. Се испостави дека тие директно биле вклучени, но затоа беше опозицијата исклучена од сето тоа – никој нас за ништо не нѐ праша. Сега е сосема нелогично да бидеме повикувани да бидеме дел од работна група“, рече Димовски.

Тој, рече, нема доверба и не му верува на премиерот Ковачевски и, оттаму, не гледа причина за учество на СПМ.

„Нека им е со среќа на работната група, ќе си работат тие не знам што, но јас можам само да кажам дека гласот на пратениците од СПМ и гласот воопшто на сите пратеници од коалицијата „Обнова на Македонија“ односно на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, нема да го добијат за уставни измени во овој парламентарен состав“, изјави Димовски.

Извор: МИА

- Реклама -