„ВМРО и СДСМ веќе се обединија против барањето на Демократската унија за интеграција и Европскиот фронт изборот на претседателот да биде во Собранието, како главна точка на Платформата што лидерот Али Ахмети ја истакна во промоцијата на д-р Бујар Османи за претседател на државата.
Демократската унија за интеграција и Европскиот фронт ги потсетуваат двете гореспоменатите партии дека, како што се оствари првиот премиер Албанец, така ќе биде и првиот претседател Албанец“, порачаа денеска од ДУИ.
„Јавноста знае дека на почетокот ВМРО, СДСМ и нивните поддржувачи беа ПРОТИВ ‘премиерот Албанец’ но денес – Талат Џафери ја предводи Владата, а министри од ВМРО и СДСМ се дел од неговиот кабинет“, додаваат од партијата.
Според интегративците, „широката мултиетничка коалиција Европски фронт докажала дека политиките на ДУИ биле и се за целосна рамноправност на сите граѓани, без разлика на етничката и верската припадност“. Главната цел, велат, останува најбрзото можно членство на Северна Македонија во Европската Унија.
„Ова ќе биде запечатено на 24 април со претседателот што доаѓа, д-р Бујар Османи, и на 8 мај, кога Европскиот фронт ќе биде клучот што ги отвора вратите на Владата во следниот мандат“, се вели во соопштението од ДУИ.