Аеродромите станаа совршен полигон за тестирање на нови техники за следење и надзор, особено за масовно препознавање на лица; Некои земји (Јапонија, Франција и САД) веќе почнаа да тестираат и безбедносни системи со вештачка интелигенција, паралелно со веќе постоечките.
Сепак, аеродромот на Дубаи ја носи технологијата еден чекор понапред. Ќе инсталира аквариумски тунел опремен со 80 „скриени“ камери кои ќе го детектираат идентитетот на патниците при безбедносната проверка. Да бидеме попрецизни, се работи за тунел што на натрешната страна е всушност екран што прикажува подводна сцена. Целта на тој аквариумски амбиент е да го привлече вниманието на патникот, за камерите скриени зад таа интересна риба што ќе ти го привлече вниманието да можат да го фатат лицето на патникот од подобар агол. Притоа, аквариумската сцена може да биде заменета со реклами, или било каква друга. Во иднина аеродромот се надева дека во тунелот ќе додаде и скенери за зеници.
Пред да поминат низ тунелот, патниците ќе мораат да ги регистрираат своите лица на еден од киосците поставени на разни локации низ аеродромот. Засега е нејасно дали и багажот ќе биде скениран заедно со патникот, но судејќи од промотивното видео на Al Bayan News, во кое патникот влегува во тунелот заедно со својот куфер, изгледа дека одговорот е потврден.
قريبا في #دبي.. ممر ذكي لإنهاء إجراءات السفر في المطارات في 10 ثوان فقط #أسبوع_جيتكس_للتقنية #البيان @GDRFADUBAI @GITEXTechWeek pic.twitter.com/c9cGB1OA76
— صحيفة البيان (@AlBayanNews) October 9, 2017
Примеров со тунелов на Дубаи ни дава прилика да ѕирнеме во иднината на технологиите за следење, поконкретно во психолошките трикови кои ќе ги намамуваат луѓето да играат по правилата наметнати од самите ограничувања на технологијата. Денешните системи за фацијално препознавање, конкретно, мораат да видат извесна „количина“ од лицето на некој човек за да можат со сигурност да го споредат со дигиталните датабази. Дигиталната риба всушност ти ја експлоатира инстинктивната љубопитност на мозокот и прави да погледнеш во одредена насока.
Денес сé уште се движиме во условно речено пасивна околина на привлекување внимание – билборди, реклами на автобуски станици или излози на продавници. Со тек на време набилдавме солидна отпорност кон овие тактики. Но дојдеме ли во момент кога насоката во која гледаме може на одредена компанија, преку фацијално препознавање, да ѝ обезбеди информации за твојот идентитет и евентуален интерес за нејзините производи, слободно можеме да очекуваме дека борбата за нашето внимание ќе стане многу пожестока. Исто како што вниманието на корисникот стана комодитет на интернет, такво ќе стане и во реалниот свет. Тоа ќе значи и поподли и побезобразни трикови. Денес е дигитална риба, утре ќе биде билборд што ќе вришти и ќе трепка дека ти си милионитиот пешак што поминува оваа недела, и дека сé што треба да направиш за да добиеш 1.000.000 долари е да дозволиш да ти ја скенира зеницата.
Што се однесува до виртуелните аквариуми на аеродромот во Дубаи, првиот ќе биде поставен на еден терминал во летните месеци во 2018-та, а другите ќе бидат докомплетирани до 2020-та.