Најавата за оставки на министрите од ДУИ е класичен,но и препознатлив блеф, оценуваат од Демократски сојуз.
„ДУИ како партија најодговорна за криминализација на државата,блокада на реформите на судскиот систем, злоупотребата на Бадентер и балансерот, огромниот број на промашени капитални инвестиции, како и колапсот на државните институции, се доволни причини за повлекување од власта“, велат од партијата.
Тие особено забележуваат за надворешната политика и сметаат дека оставките треба да почнат од шефот на дипломатијата, Бујар Османи.
„ДУИ, заедно со Маричиќ и Ковачевски, ја водат надворешната политика која ги загрози евроинтеграциите со прифаќање на неоснованите барања на Бугарија и нивно вградување во Преговарачката рамка, посебно за промената на Уставот и историските и образовни прашања, без при тоа да се направат пошироки консултации.
За почеток, од функцијата треба да се повлече Бујар Османи, кој со своите одлуки директно ги загрози националните интереси на Македонците, но и на другите граѓани, а ги загрози и европските перспективи на Македонија“, велат од Демократски сојуз.
Владата, велат, нема поддршка од граѓаните,ниту од мнозинството во Парламентот, поради што неопходни се избири, како демократски чин за промена на власта.