Дрекслер: Нема вето за вашата земја, сите членки се согласни дека треба да се овозможи почеток на преговори

Европа се состои од компромиси, тие се важна основа за Европската Унија. Во сегашнава состојба за пристап во пррцесот за пристапување нема вето за вашата земја, рече денеска германската амбасадорка Петра Дрекслер, на настанот по повод Денот на Европа во организација на Европското движење во Северна Македонија во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.

Според неа, основата за членство во ЕУ е процесот на реформи.

-Земјите членки се согласни дека треба да се овозможи почеток на преговори, а германската перспектива е зајакнување на Европа и нанадвор и навнатре, а треба да најдеме начин како да постигнеме решение во рамките на Европа. Повеќето одлуки во ЕУ се донесуваат со квалификувано мнозинство, рече Дрекслер.

Германската страна, додаде таа, може да се замисли дека треба да се зголеми бројот на одлуки што се донесуваат со квалификувано мнозинство.

-Меѓутоа јадрото на нашата силина е да настојуваме да постигнеме компромиси. Не смееме да се откажеме од компромисите. А почетокот и крајот на преговорите се одлуки што се донесуваат едногласно. Во оваа сфера не се изменило ништо, заклучи германската амбасадорка.

Словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, пак, кажа дека Словачка е силен поддржувач на овој регион со низа иницијативи.

Прочитајте и:  Николоски: Владата ќе бара дел од средствата за изградба на пруга до Бугарија, да се пренаменат за брзата пруга на Коридорот 10

Амбасадорот Маркуш порача дека не треба да се чека земјава да ги надмине проблемите. Ние 20 години после Солун, оцени Маркуш, се уште зборуваме во која мера проширувањето е важно, а не зборуваме доволно како да се направи тоа. Ние се движиме низ непродуктивни ставови, многу тешко е тоа да се надмине.

-Во Северна Македонија има нова претседателка, наскоро нова влада, мислам дека тие ја имаат шансата и ќе ја искористат оваа пригода да ја надминат оваа позиција и да направат да се постигне нешто. Секогаш ме изненадувало тоа како тоа нема никој којшто ќе го крене знамето и да ги собере овие пријатели на проширувањето на Западен Балкан и да ги спречат некои од настаните кои доведоа до оваа позиција, рече Маркуш, осврнувајќи се на патот на земјава кон ЕУ.

Тој го цитираше Кофи Анан, кој кажал дека времето е токму тоа, а изборот е јасен. – Да ја искористиме оваа пригода, оваа можност што ни се дава и да работиме заедно на обединета Европа, рече Маркуш.

- Реклама -