Добрососедските односи се градат со добра желба, дијалог и меѓусебна почит, порача претседателката Сиљановска Давкова

Добрососедските односи се градат со добра желба, дијалог и меѓусебна почит, само така се возможни прифатливи и одржливи решенија, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова на денешната завршна прес-конференција на состанокот на ПСЈИЕ во Скопје.

За неа, како што рече, е исклучително важно членките на ЕУ од регионот, да ги поддржат сите учесници во процесот.

– Тоа значи нас, кои не сме членки на ЕУ, на нашиот европски пат, особено во споделувањето на научените лекции, добрите практики и на искуствата во реформските процеси, така се гради инклузивна регионална соработка, рече таа.

На прес-конференцијата Сиљановска Давкова потенцираше дека ЕУ во оркестарот треба да го вклучи и Западен Балкан.

– Свесни сме дека постои замор од проширувањето, но постои и уште поголем замор со чекањето. Затоа во својство на претседавачи на ПСЈИЕ ги охрабрувам европските партнери да останат доследни, кредибилни и принципиелни кон европската идеја. Не е доволно да велите дека ЕУ е недовршена приказна и недовршена симфонија без Западниот Балкан, туку треба во оркестарот да го вклучите и Западниот Балкан, треба и тој ноти да пишува и да учествува во европските работи, истакна претседателката.

Визијата за ЕУ, како што дополни, нè одржува во демократска кондиција и нè фокусира на реформите, односно, ни помага на европски начин да ги затвораме отворените билатерални прашања.

Претседателката нагласи дека проширувањето е влог во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Затоа, според неа, процесот на пристапување мора да се заснова на меритократија, односно на заслуги и на доследно спроведени реформи. Таа порача дека ЕУ мора да ја зајакне пристапната динамика во регионот.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени

– Иновативен инструмент е и новиот план за раст на Западен Балкан кој што треба да го доближи регионот до единствениот пазар на ЕУ. Неопходно е да ги подобриме нашите национални капацитети во однос на безбедносното прашање, да бидеме хармонизирани со ЕУ, да ја продолжиме соработката со НАТО алијансата која што има примарна улога во одржувањето на мирот и стабилноста во регионот. Истовремено, да дадеме поддршка на политиката на отворени врати и на евроатлантските аспирации на земјите од регионот, рече таа.

Во однос на економската соработка, како што дополни, нам ни е потребно енергетско, инфраструктурно и дигитално поврзување, затоа што, според неа, регионалната економска интеграција има единствено потенцијал да го поттикне растот, да ја зголеми конкурентноста, да создаде можности за вработување и да одговори на демографските предизвици, односно егзодусот на младите со кој што се соочуваат сите во регионот.

Сиљановска Давкова ги спомена и климатските промени, еколошките предизвици и зелената и дигитална транзиција како уште едно од прашањата за кои е неопходна координирана акција.

Македонската претседателка кажа дека искчучително е важно членките на ЕУ кои се дел од Партнерството за соработка во ЈИЕ да ги поддржат земјите од Западен Балкан на европскиот пат.

Денешниот состанок го оцени како мошне позитивен и им се заблагодари на поранешниот претседател Стево Пендаровски и на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои беа вклучени во овој процес.

На прес-конференцијата зборуваа и Бајрма Бегај, претседател на Албанија која од 1 јули го презема претседавањето со ПСЈИЕ, и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.

- Реклама -