На Интернет се појави до сега необјавено видео во кое може да се види легендарниот основач на Apple, прерано починатиот Стив Џобс, како изнесува мислења за својата работа и за тоа што ќе остане зад него.
Објавениот исечок е дел од 60-минутниот документарец „Steve Jobs: Visionary Entrepreneur“ кој е базиран на 20-минутното интервју што тогаш 39-годишниот Џобс го дал за „Silicon Valley Historical Association“. Во него може да се слушне како Џобс во 1994 одговара на прашање дали верува дека со индустријата во која тој е иноватор може да се повлече паралела на периодот на ренесансата и дали некој ќе ѝ се восхитува во годините што доаѓаат.
„Сѐ што направив во животот ќе застари до моментот кога ќе наполнам 50 години…Ова не е подрачје во кое некој ќе направи слика која луѓето ќе ја гледаат со векови или во кое ќе се изгради црква на која ќе ѝ се восхитуваат со векови. Не, ова е подрачје во кое некој ќе си ја изврши работата и за 10 години тоа ќе биде застарено и не може веќе да се користи. Не можете повторно да го користите Apple 1 затоа што за него нема да има софтвер“, рекол и додал: „Тоа е како седиментните карпи. Градите планина во која имате прилика да дадете придонес со своите мали слоеви за да ја направите повисока. Никој на површината нема да има рентгенски вид за да го воочи вашиот слој. Ќе стојат на неа и да, ќе ја ценат ретки геолози, но не, воопшто не како ренесансата. Многу е различно“.
[youtube]http://youtu.be/zut2NLMVL_k[/youtube]