Дендиас: Целта на писмото на Караманлис беше да го спречи бранот признавања на Скопје под името „Македонија“

Писмото на Караманлис до американскиот претседател Џорџ Буш не значело признавање на името „Македонија“ (во рамки на предлогот Република Македонија – Скопје), туку било обид да се спречи претстојниот бран признавања на земјава под името „Република Македонија“, вели во интервју за грчката ERT1 Никос Дендиас – пратеник на Нова Демократија и главен кандидат за нов грчки министер за надворешни работи доколку партијата на Кирјакос Мицотакис победи на претстојните предвремени избори во Грција, закажани за во недела, на 7 јули.

Коментирајќи го писмото на Караманлис, Дендиас истакна дека Нова Демократија не е партијата што било кога ја довела Грција во неволја во однос на грчките национални интереси, туку, истакна, тоа е Сириза на Алексис Ципрас. Тој потсети дека Нова Демократија гласно се противела на Преспанскиот договор и на начинот до кој дојде до неговото потпишување, и посочи дека ако писмото на Караманлис навистина значело прифаќање на терминот „Македонија“, Ципрас и Сириза тоа ќе го употребеле во парламентот, кога се гласало за ратификацијата на Преспанскиот договор, за која Нова Демократија гласаше „против“.

Дендиас истакна и дека токму начинот на кој дојде до Преспанскиот договор е причина за гневот кај опозицијата, особено НД. „Не бевме прашани за мислење, за помош, ниту бевме на било кој начин консултирани. Впрочем, премиерот (Ципрас) дури прифати и ‘Илинденска Македонија’, што е крајно неодговорно“, вели тој, пренесува грчки „СКАИ“.

Што се однесува до писмото од 2005 година на тогашниот грчки премиер Костас Караманлис до Џорџ Буш, Дендиас објаснува:

„Во 2004 САД го признаа Скопје како ‘Македонија’. Со тоа приоритет на владата на Караманлис беше да го држи прашањето (за името) отворено по секоја цена, со цел да се запре бранот на признавања што ќе следуваше. Тоа беше приоритет во тоа време. Ако овие документи кои беа објавени деновиве беа толку важни и го докажуваа тоа што го тврди Сириза/Ципрас, тогаш зошто господинот Коѕијас не ги донесе на долгата дебата во Парламентот, а се појавуваат дури сега?“.

 

Сепак, и покрај „неволјата“ во која се наоѓа Грција, Дендиас сепак има надеж. Тој најави дека новата влада на Нова Демократија ќе се обиде, во преговори со другата страна, да ги промени деловите од Преспанскиот договор кои се „штетни за Грција“, конкретно делот за јазикот и националноста/државјанството.

„Ова се точки кои мораме да ги подобриме. Го имаме оpyжјето на пристапните преговори на Скопје со Европската унија, и ќе направиме напори, и тие напори ќе бидат јасни“, рече Дендиас.

 

- Реклама -