Дали фудбалот е подготвен за „предизвик“?

Фудбал Речиси сите други спортови ја прифатија модерната технологија, вклучително и дигиталната, како дел од играта. Фудбалот тврдоглаво стои на својата традиционалност, иако објективно, можеби тоа сериозно наштетува на неговата репутација. Дали фудбалот веќе е зрел за воведување „предизвик“?


Речиси сите други спортови ја прифатија модерната технологија, вклучително и дигиталната, како дел од играта. Фудбалот тврдоглаво стои на својата традиционалност, иако објективно, можеби тоа сериозно наштетува на неговата репутација. Дали фудбалот веќе е зрел за воведување „предизвик“?

ФудбалМногу пати до сега, светската куќа на фудбалот ФИФА најави нови технологии кои ќе помогнат во развојот на фудбалот, но до сега, не видовме ништо од тоа.

Прво во план беше да се инсталираат компјутерски чипови во топките кои во содејство со сензорите што ќе се инсталираат во стативите, ќе може да се утврди кога топката ќе ја мине гол линијата, т.е. ќе нема сомнеж дали е постигнат гол. Можеме да се потсетиме на натпреварот помеѓу Манчестер Јунајтед и Тотенхем на Олд Трафорд во 2005 година кога Педро Мендеш во 89 минута шутна од преку 60 метри, а тогашниот несмасен голман на Јунајтед, Рој Керол ја испушти топката од раце и таа заврши повеќе од половина метар зад линијата пред да успее да ја избие. Сите играчи и целата публика од 67 илјади луѓе на стадионот ја видоа внатре, ја видоа и милионите гледачи пред малите екрани, единствено не ја забележаа Марк Клатенбург и неговиот помошник Роберт Луис и натпреварот заврши со дотогаш актуелните 0:0.

Откако се увиде дека ќе има технички проблеми со погоре споменатата технологија, како и можности за малверзација, се премина на најави за воведување на видео камерите како помошно средство на судиските четворки. Ова би помогнало не само при оценување на головите, туку и на спорните ситуации. Ако оваа технологија беше дел од фудбалот пред 2 години, во четвртфиналето од Лигата на шампионите, Арсенал немаше неправедно да биде исфрлен од Ливерпул, кога во првиот натпревар не беше досуден очигледен пенал над Александар Хлеб, а возвратниот дуел и целиот двомеч беше решен со досудувањето на пенал над Рајан Бабел кога Ливерпул беше во нокдаун.

Официјалниот став на ФИФА е дека играта не е подготвена за воведување нови технологии. Но, дали е баш така? Дали навистина тие ќе ја забават играта и ќе ја направат неинтересна? Во американскиот фудбал постои „предизвик“ веќе долго време и тоа функционира. Од пред неколку години, целиот тениски свет се смени со воведувањето на „предизвикот“. Зошто не и фудбалот?

Секако, по воведувањето на технологијата ќе треба да се воспостават правила во кои ситуации и колку често ќе може да се бара помош од камерите, за целата работа да не се претвори во циркуз, но сигурно, фудбалот како игра не е ист со оној фудбал кога преносите се правеле на радио или кога воопшто немало преноси, па зошто би биле и техничките правила? На Сеп Блатер треба да му стане јасно дека неправдите и можностите за очигледно местење на натпревари далеку повеќе ги фрустрираат гледачите пред малите екрани отколку евентуалниот тајм-аут од 1 минута во која судијата би ревидирал некоја спорна ситуација.

- Реклама -