Д-р Беќаровски со пар „едноставни прашања“ до Захариева: На кој јазик е напишан букваров? А пред Тито, кој ги лажел моите баби и дедовци дека се Македонци?

„На сликиве е прикажан АБЕЦЕДАРОТ кој е издаден 1925 година во Атина, за да може да учат децата во Егејска Македонија кои зборувале јазик различен од грчкиот. (Славофони) според грчката терминологија или македонци, како што си се нарекувале. Како основа за АБЕЦЕДАРОТ е земен леринскиот дијалект кој ми е одлично познат, бидејќи го зборуваа моите дедовци, баби, татко ми, мајка ми“ –  пишува д-р Нико Беќаровски, поранешен директор на Клиниката за токсикологија, во своето ново обраќање до шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, откако пред три дена ѝ порача дека ја пропуштила шансата во македонската историја да биде впишана како „СЕСТРАТА ЕКАТЕРИНА ВЕЛИКА“ (статусот можете да го видите на крај на текстот).

Во новото обраќање, Беќаровски поставува „неколку едноставни прашања кои го мачат“, па изразува надеж дека Захариева, „заедно со нејзините ценети историчари и академии“, ќе се удостои за да му ги одговорат.

1. На кој јазик е напишан абецедарот ???

2. Ако во Лерин, Воден, Кукуш 1925 година живееле Бугари, зошто Грците би се мачеле да пишуваат нов буквар и латинска абецеда, кога 1925 година веќе имало имало готови испечатени бугарски буквари со кодифицирана азбука и јазик?

З. Зошто во Абецедарот буквите, иако пишани на латиница, се скоро исти како денешната македонска кирилица, а многу поразлични од бугарската кирилица ???

4. Ако тамошното население зборува различен јазик од бугарскиот, КАКО СЕ ВИКА ТОЈ ЈАЗИК, бидејќи македонскиот нели го измисли Тито 1944 година, односно 20 години покасно од букварот?

5. Ако населението во Вардарска Македонија комунистите и Коминтерната го натераа да не се чуствуваат Бугари, зошто моите дедовци и баби кои никогаш не живеа во Југославија, туку во Грција, СССР, Канада, Австралија, САД, Германија, Шведска, дури и во Софија, секогаш велеа дека се македонци и зборуваат македонски? КОЈ НИВ ГИ ИЗЛАЖА ???

6. Ако и покрај сѐ и ние МАКЕДОНЦИТЕ од Егејска Македонија сепак сме Бугари, зошто не побарате од Вашите грчки сојузници во ЕУ да ни ги вратат имотите, а на тие кои сѐ уште живеат таму да им се признае правото на малцинство и училишта на мајчин јазик ????

7. Зошто во текот на граѓанската војна во Грција не им помогнавте на моите баби и дедовци и сите борци на ДАГ, како на сонародници кои се бореа за Македонија?

8. Зошто најголем дел од децата бегалци од Егејска Македонија, иако беа раселени низ Полска, Чехословакија, Романија, Унгарија, СССР, решија да се вратат во Република Македонија, а не во мајка Б’лгарија? –  прашува доктор Беќаровски.

- Реклама -