Бугарскиот претседател Румен Радев ќе ја поддржи иницијативата за подигање спомен плоча на Гоце Делчев во селото Баница, во денешна Грција, по повод 120-годишнината од неговото убиство, идната година. Ова го изјави Радев по средбата со неговата грчка колешка Катерина Сакеларопулу, која е во државна посета на Бугарија, прашан дали во Баница ќе биде поставена спомен плоча на „големиот бугарски револуционер и легендарен водач на ВМРО“, пренесува БГНЕС.
„Бугарија и Грција ги оставија настрана сите противречности во минатото и во моментов се модел и пример за стратешко партнерство и разбирање. Не гледам проблем Грција, која е суверена држава и се грижи за спомениците на нејзината територија, да даде можност за таков споменик, особено што Гоце Делчев е бранител на слободата на сите луѓе, без разлика во која земја живееле“, рече Радев.
„За мене иднината на светот е како територија за културна соработка“, додал Радев цитирајќи ги зборовите на Гоце Делчев, потенцирајќи дека токму тоа го прават денес Бугарија и Грција.
„Ако има барање за поставување спомен плоча на Гоце Делчев во сереското село Баница, надлежните органи ќе го разгледаат“, рече грчката претседателка.