Брнабиќ: Курти ги донесе Србите и Албанците на раб на војна, блиску сме до одлуката да ја вратиме војската на Косово

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, оцени дека ситуацијата на Косово е на работ на вооружен конфликт, откако синоќа над 300 припадници на косовската полиција влегоа и се распоредија во Северна Митровица.

Брнабиќ истакна дека Србија има намера, но и, според неа, право, врз основа на Резолуцијата 1244 на ОН, да врати одреден број на војници во Косово.

„Тоа е политиката на 19 век. Исклучително сум загрижена и ми беше тешко да заспијам минатата ноќ. Курти нѐ доведе сите нас, и Србите и Албанците, на самиот раб на војната. Но, тој не го направи тоа сам. Имаме целосно игнорантно однесување и на партнерите во ЕУ, кои не реагираат или реагираат само кога навистина гори“, изјави Брнабиќ.

Таа обвини дека КФОР и ЕУЛЕКС не си ја вршат работата не само според Бриселскиот, туку и според Кумановскиот договор. Тие не ги штитат Србите на Косово, ниту јужно од Ибар, ниту на северот од Косово, оцени српската премиерка, додавајќи дека секојдневно се гледаат прекршувања на овие договори.

„Затоа сме многу блиску до тоа и верувам дека денеска претседателот Александар Вучиќ ќе даде повеќе информации за неговите средби за да побараме враќање на нашите сили на Косово и Метохија според резолуцијата 1244 на ОН. Затоа што КФОР не си ја врши работата и затоа што Србите на Косово и Метохија не можат да се чувствуваат безбедни. Таму им се загрозени животите, вклучително и на децата во градинките“, рече Брнабиќ.

„Никој не прави апсолутно ништо“, продолжи таа. „Доведени сме на работ на вооружен конфликт. До ова нѐ доведе една неодговорна личност. Претседателот Вучиќ повеќе од 10 пати кажа дека ќе дојде до тоа. Курти ризикува секој ден, тоа води до одредена нестабилност и доволна е само една искра. Не можам да ги разберам партнерите во ЕУ, ниту НАТО, ниту КФОР, ЕУЛЕКС, затоа што на територијата на Косово и Метохија, која моментално е управувана од привремени институции во Приштина, немате правна држава, ниту основни човекови права, ниту дали тоа некој го контролира, ниту дали Србите и другите неалбанци се чувствуваат во основа безбедни“, додаде премиерката на Србија.

Прочитајте и:  Османи: 25 години по ослободувањето, Косово заслужува членство во НАТО

Ако КФОР не обезбеди мир, Србија сака да се бори за мир и стабилност, бидејќи има многу да изгуби, порача Брнабиќ. На новинарско прашање дали Србија ќе испрати војска на северот на Косово, бидејќи, како што изјави новинарот од Јуроњуз, според резолуцијата 1244 таму е дозволено присуство само на деминери и на оние кои имаат врска со цивилната власт, Брнабиќ рече дека ќе се бара сѐ што е во согласност со Резолуцијата 1244.

„Сѐ што е во согласност со резолуцијата 1244, за која сите гласаа и која е валиден документ. Верувам дека кога тоа ќе го бараме, а колку години поминаа од донесувањето на Резолуцијата 1244, дека секако со раширени раце ќе прифатат сите оние кои ги повикуваат сите земји во светот да ги почитуваат сите резолуции на Советот за безбедност, за да се обезбедат принципите на меѓународното право и, како што велат, мирот во светот“, рече Брнабиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно на Инстаграм профилот „buducnostsrbijeav“ објави фотографија со министерот за одбрана Милош Вучевиќ и началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија, генерал Милан Мојсиловиќ, со текст „Нема предавање!“.

Извор: МИА

- Реклама -