Борел: Кина и Русиja се блиску до создавање моќен сојуз од два авторитарни режима

Генералната позиција на Кина и Русија може да биде основа за моќен сојуз меѓу двете земји, предупреди шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ – Жозеп Борел на прес-конференција во САД, потенцирајќи ги Кина и Русија како „противници на демократијата“.

„Генералната позиција на Кина и Русија, која беше слабо забележана од Западот поради ситуацијата во Украина, може да стане основа за моќен сојуз меѓу два авторитарни режима“, рече Борел, додавајќи дека за разлика од Студената војна, сега конфронтацијата не е меѓу демократијата и комунизмот, туку „меѓу демократијата и авторитарните режими, како Русија и Кина“.

Кина, пак, денеска порача дека е против натамошно ширење на НАТО. Како што се наведува во соопштението на кинеското претставништво во ЕУ, објавено на официјалната веб-страна, Кина смета дека проширувањето на НАТО не придонесува за глобалната безбедност и стабилност, како и дека дека регионалната безбедност не треба да се обезбедува со зајакнување или проширување на воените блокови.

„30 години по крајот на Студената војна, НАТО продолжува да го проширува опсегот на операции, блок-политика и конфронтации, а тоа не придонесува за глобалната безбедност и стабилност. Го повикуваме НАТО да се откаже од менталитетот на Студената војна и идеолошките предрасуди, да ги почитува суверенитетот, безбедноста, интересите, како и различноста на цивилизациите, историите и културите на другите земји“, се вели во соопштението, откако четири дена претходно, во Пекинг, претседателите на Кина и Русија – Си Џинпинг и Владимир Путин, потпишаа заедничка изјава изразувајќи незадоволство од натамошното проширување на НАТО.

Прочитајте и:  Москва го преименува плоштадот „Европа“ во плоштад „Евроазија“

Путин, од друга страна, денеска изјави дека Русија ќе направи сѐ за да се најде компромис за украинската криза, но и дека земјата ќе продолжи да бара од Западот да одговори на главните безбедносни барања на Русија, кои, според него, САД ги „заобиколиле“ во официјалните одговори испратени до Москва во јануари.

Дијалогот не е завршен, а притоа Вашингтон и Брисел отвориле некои прашања за кои може да се разговара, иако тие се споредни во однос на Русија, изјави Путин по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, на заедничката прес-конференција, додавајќи дека никој од нив двајца не сака војна меѓу Русија и НАТО, во која, како што рече, нема да има победник.

Извор: МИА

- Реклама -