Блинкен: Со тек на време, Украина апсолутно може да победи

„Ако намерата на Москва е да се обиде некако да ја сруши владата и да инсталира режим под своја контрола, 45 милиони Украинци тоа ќе го одбијат, на еден или на друг начин“, изјави државниот секретар на САД – Антони Блинкен, во интервју за BBC, делејќи комплименти за „исклучителната отпорност“ на украинскиот народ.

Според него, досега војната не се одвивала според планот на рускиот претседател Владимир Путин, и поразот на Украина не е неизбежен. Всушност, прашан дали смета дека Украина може да победи, Блинкен инсистираше дека е убеден дека тоа ќе се случи:

„Дали Украина може да победи? Со тек на време, апсолутно. Не можам да трдам колку долго ќе биде потребно за тоа. Но идејата дека Русија може да потчини на својата волја 45 милиони луѓе кои толку страстно се борат за својата иднина и нивната слобода без руски прсти вмешани во неа, тоа кажува многу“, рече Блинкен.

Државниот секретар на САД зборуваше со BBC по средбата со колегите од ЕУ во Брисел. Тој истакна дека меѓународната заедница посветено прави сѐ што може за да ѝ помогне на Украина и да ја стави Русија под „неподнослив притисок“ за да стави крај на војната која почнала, како што оцени Блинкен, по избор на Путин.

Прочитајте и:  Украина првпат ја нападна Русија со американски ракети ATACMS - погодено складиште во Карачев, во Брјанскиот регион

Во интервјуто, Блинкен посочи и дека е загрижен од евентуална ескалација.

„Тоа е нешто за што сме загрижени и на што сме фокусирани, бидејќи единственото нешто полошо од војна која е ограничена на Украина е војна што ќе ескалира уште повеќе и ќе оди уште подалеку (од границите на Украина)“, рече Блинкен.

Од друга страна, тој оцени дека руските сили користат „сѐ побрутални“ методи против цивилите во Украина и дека тоа резултира со огромни човечки страдања.

„Гледаме како Русија цели на критична инфраструктура со што на Украинците им оневозможува вода, струја, греење. Овие методи се, за жал, трагично, дел од рускиот ‘учебник’ под Владимир Путин. И мислам дека е веројатно дека ќе гледаме уште повеќе од тоа“, рече Блинкен.

Прашан дали САД „бараат“ промена во лидерството на Москва за да стават крај на инвазијата, Блинкен рече дека тоа е прашање за рускиот народ:

„Не го бараме тоа, и во секој случај, не е до нас. Рускиот народ треба да реши за своето лидерство. Она што би им рекол на Русите е: Како, по ѓаволите, оваа војна и агресија… ги унапредува вашите интереси, вашите потреби?“, рече Блинкен.

- Реклама -