БЕСА ќе се откаже од етничката припадност во лична карта само ако во август влеземе во ЕУ

„Не сме против етничка припадност во личните карти, но ЕУ вели тоа не е европска пракса“, порача денеска премиерот Зоран Заев, потенцирајќи дека СДСМ дал поддршка (за воведување на таквата можност) уште во фазата на уставните измени за Преспанскиот договор и промената на името на државата и дека сѐ уште стои на ставот дека немаат никаков проблем по ова прашање, но дека „дефинитивно е невозможно да се најде решение во Собранието“, не само поради блокадата од опозициската Левица, туку пред сѐ затоа што „Европа јасно дала до знаење“ дека етничката припадност во личните карти „не е европска пракса“, но и затоа што ЕУ во август ќе донесе посебна регулатива што ќе се однесува на ваквите прашања.

Од БЕСА, пак, и покрај „предупредувањето“ од евроамбасадорот Дејвид Гир од февруари, и натаму тврдат дека нивното барање е праведно и дека имаат мнозинство за усвојување на Законот за лични карти дури и без поддршката на СДСМ. Тие потсетуваат дека се работи за нивно политичко барање за уставните измени кое за нив е исклучително важно и дека немаат намера да се откажат, по било која цена.

Како што изјави генералниот секретар на БЕСА – Арјанит Хоџа, простор за разговор има само доколку Македонија стане членка на ЕУ сега во август. Во спротивно, вели тој, остануваат на барањето за воведување на можноста етничката припадност да стои во личните карти, а кога ќе дојде моментот тоа да претставува пречка за ЕУ регулативата, со оглед дека сигурно ќе влезе во „benchmark“-овите на ЕУ, тогаш ќе прифатат да биде изменета.

„За она што се договоривме немаме намера да отстапиме и ќе одиме до крај за да го одбраниме, бидејќи мислиме дека предлогот е правичен и вистинско решение“, изјави Хоџа.

Како што најави денеска Заев, утре ќе имаат средба со лидерот на коалицискиот партнер – Билал Касами, на која ќе дискутираат за повеќе прашања, вклучително и за ова. За волја на вистината, и Заев во март имаше сличен „креативен предлог“ како сега БЕСА, со тоа што предвидуваше етничката припадност во личните карти да поживее пар месеци, со тоа што да биде укината веднаш штом ЕУ ја донесе новата регулатива. Мини-времеплов од изјави/ставови/детали на темата, ќе најдете ТУКА.

- Реклама -