Home 365 Денес Беќаровски обвинет за навреди на национална основа, вработени од Клиниката ги демантираат обвинувањата од Министерството за здравство

Беќаровски обвинет за навреди на национална основа, вработени од Клиниката ги демантираат обвинувањата од Министерството за здравство

0
Беќаровски обвинет за навреди на национална основа, вработени од Клиниката ги демантираат обвинувањата од Министерството за здравство

Превирањата на Клиниката за токсикологија продолжуваат. По објава на Министерството за здравство на „Фејсбук“ во која доктор Нико Беќаровски, се обвинува за навреди кон вработени на национална основа, вработени од Клиниката демантираат дека имало какви било навреди или притисоци од страна на Беќаровски кон лица ангажирани со договор на дело.

Доктор Беќаровски од Клиниката за токсикологија во Скопје, на официјалната страница на Министерството за здравство на „Фејсбук“ се обвинува за навреди на национална основа. Од друга страна, дел од вработените на клиниката демантираат дека имало какви било навреди или притисоци кон лица кои биле ангажирани со договор за дело од страна на Беќаровски.

Беќаровски вели дека станува збор за лаги и клевети и побара од министерот за здравство Илир Демири во рок од 24 часа да се огради од објавата и да се извини.

– Искрено се надевам дека објавата е без ваше знаење и одобрение бидејќи со истата ми нанесовте несогледлива штета на мојот углед, базирана на лажни изјави, на незаконски архивиран документ, на кој не стои ниту едно име, за која ќе следува соодветна судска тужба кон инволвираните. Инпутирањето на било какви национални навреди е најблаго речено дегутатно. И јас, впрочем како и Вие, секогаш сум бил исклучиво поборник за максимален професионализам, базиран на квалитет и мерит систем, без никакви други предрадуси. Најколегијално, Ве замолувам во следните 24 часа јавно да се оградите од оваа несреќна објава на сајтот и да ми се извините за нанесената повреда на мојата чест и углед, вели Беќаровски.

Вработени од Клиниката преку писмо го демантираат објавеното на Фејсбук страната на Министерството за здравство.

– Ние, вработените од УК за токсикологија со редовен заснован работен однос на неопределено време, во целост ги демантираме наводите изнесени со изјава од 26.4.2024 година на групи лица без статус вработени на клиниката, а кои се однесуваат за наводно кажани навреди против Албанци од проф. д-р Нико Беќаровски. Најостро реагираме и ги демантираме информациите изјавени во неколку медиуми од Министерство за здравство и сме должни на јавноста да ѝ појасниме дека какви било навреди или притисоци врз Албанци, а кои претходно беа ангажирани со договор за дело, не се упатени од страна на проф. д-р Нико Беќаровски, се наведува во писмото.

Вчера, на оваа Клиника беше разрешен медицинскиот директор Данил Петровски со образложение за несовесно работење.

– Иако имал согласности за продолжување на договорите за работа на 18 лица, тој не постапил. Ангажираните оделе на работа без договор и без плата за нивниот труд. 18 семејства ги остави без плата! Во неговиот мандат, Клиниката беше поплавена и неосигурана, а ангажираните секојдневно трпеа закани и омаловажувања на национална основа. Информираме дека поранешниот медицински директор д-р Петровски не беше разрешен пред изборите за да не се поттикне нетрпение по национална основа, стои во објавата на Министерството за здравство на Фејсбук.

Петровски вчера во изјава за МИА рече дека не е изненаден, бидејќи министерот за здравство веќе го најавил овој чекор. За разрешувањето од функцијата, како што посочи дознал од вработени на Клиниката за токсикологија.

Вработени на Клиниката за токсикологија минатиот месец на прес-конференција се пожалија дека немаат соработка со економската директорка Бесија Иљази, назначена на 12 февруари годинава и дека се инсистира да се примат 18 лица со договор на дело што според лекарскиот колегиум непотребен е толкав број на нови вработувања.

Тие тогаш се пожалија дека не можат да комуницираат со економската директорка затоа што таа не го говори македонскиот јазик по што министерот за здравство најави разрешување на медицинскиот директор Петровски.

На 26 април на Клиниката за токсикологија пукна и цевка од парно по што беа поплавени простори на Клиниката по што се отвори и прашањето дали Клиниката е осигурена.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here