Бајден: Путин избра војна која ќе биде со катастрофални загуби

Вашингтон, 24 февруари 2022 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден ја осуди воената акција на Русија, веднаш откако рускиот претседател Владимир Путин најави воена операција во Украина.

„Молитвите на целиот свет се со народот на Украина вечерва, бидејќи тие трпат неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили. Претседателот Путин избра војна со предумисла која ќе донесе катастрофални загуби на животи и човечко страдање. Само Русија е одговорна за смртта и уништувањето што ќе ги донесе овој напад, а САД и нивните сојузници и партнери ќе одговорат обединето и одлучно. Светот ќе бара одговорност од Русија“, се вели во соопштението на Бајден.

Бајден најави дека денеска има договорено итна средба со лидерите од Г-7 и дека потоа ќе се обрати до американскиот народ „околу понатамошните последици што САД, сојузниците и партнерите ќе ги наметнат врз Русија за овој непотребен акт на аресија против Украина и против глобалниот мир и безбедност“.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

„Исто така ќе се координираме со нашите сојузници од НАТО да осигураме силен и обединет одговор што ќе одврати агресија против алијансата“, додаде Бајден.

- Реклама -