Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, денеска, на прес-конференција, ги обвини советниците од редовите на владеачката партија за блокада во Советот на Град Скопје, а одговорноста за проблемите со кои се соочува Градот рече дека треба да се бара кај нив. Советниците на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска вели блокираат планови за работа без кои што претпријатијата не само што не можат, туку и не смеат да работат.
Градоначалничката посочи дека на вчерашниот состанок со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински предложила решенија за проблемите со кои се соочува Град Скопје, но како што рече, средбата наликувала на „политички циркуз за добивање политички поени”.
Истакна дека на средбата, меѓудругото, предложила да свика вонредна седница на Советот на Град Скопје, каде советниците би ја изгласале програмата за работа на ЈП Комунална хигиена и програмата за јавна чистота, за која, вели, седми месец советниците на владеачката партија не ја гласаат.
– Презентиравме решенија за надминување на блокадите во Советот на Град Скопје, блокади кои што ги креираат советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои три години скопјани ги држат заложници за тоа што не ги имплементираат политиките кои што се неопходни за нашите сограѓани. Предложивме вонредна седница каде советниците ќе ја изгласаат програмата за работа на ЈП Комунална хигиена и за јавна чистота, која што, за жал, седми месец по ред не ја носат. Програмите за работа вообичаено се носат на крајот на годината или на почетокот на годината, а ние сме веќе во втората половина на годината и оваа програма за јавна чистота се уште не е донесена, вели Арсовска.
Градоначалничката додаде дека на средбата предложила и план за набавка на нови еколошки автобуси, според кој советниците би формирале комисија за набавка на нови автобуси и би ја спровеле целата набавка.
– Предложивме и план за набавка на нови еколошки автобуси и тоа понудивме советниците да формираат комисија за набавка на овие нови автобуси и да ја спроведат целата набавка, јас само да ја потпишам. Ова не е ништо ново, ова е веќе понудено две години по ред на секоја седница, пред секоја седница. Побаравме Владата да си го исплати долгот од 8 милиони евра кон ЈСП за бесплатниот превоз на студентите, којшто од 2021 година наваму не се исплаќа, за што одговорот што го добивме беше дека би исплатиле по ребалансот со повлекување на средствата за изградба на нов булевар во Визбегово, што го сметаме за уцена на штета на граѓаните, а не за партнерски однос и нудење на решенија, рече Арсовска.
Прашана дали повторно ќе ја побара довербата од скопјани, Арсовска вели дека нема политички аспирации, додека на бројните прашања во врска со нефункционалноста на јавните претпријатија, градоначалничката одговори дека тоа се должи на неизгласување на програмите за работа од страна на Советот.
– Апсолутно не, политички аспирации немам, ниту ќе собирам политички поени. Сакам проектите кои што се во програмата да се реализираат и тоа е едиснтвената цел која што сум ја имала уште од првиот ден. Сметам дека треба да се инсистира на овие луѓе кои што овие програми седум месеци не ги носат, да се обидеме да ги контактирате зошто не ги гласаат. На седницата која што ние побаравме ние да биде вонредна и итна, тие одлучија таа да биде наредната недела, да дојдете и да ги прашате зошто не ги гласаат овие приограми. Ако вие не сметате дека треба да имаме програма за животна средина до септември месец и ако мислите дека од септември до декември проблемот со загадувањето ќе се реши, јас навистина не знам што да кажам, подвлече градоначалничката.