Македонија и Бугарија работат на дополнителен анекс на Договорот за добрососедство од 2017 година, открива министерот за надворешни работи Бујар Османи. Како што изјави тој, за време на неговата посета на Софија било разговарано за различните очекувања и интерпретации на Бугарија и Македонија на одредени решенија од Договорот за добрососедство, а како резултат се формирани работни групи од двете земји кои секојдневно работат на надминување на разликите.
Османи вели дека биле констатирани разлики во очекувањата во поглед на резултатот што Договорот досега го дал во однос „на прашањето за кое што бил наменет, односно потпишан“ и дека работните групи од двете министерства работат на „олеснување на одредени загрижености на едната или другата страна“ што произлегуваат од некои решенија од Договорот.
Како пример, Османи го посочи „краткото име“ на државава кое Бугарија исто така го спори, што е забележливо и од секоја изјава од бугарска страна – Македонија секогаш ја ословуваат со „долгото име“ – односно како „Република Северна Македонија“, а не „Северна Македонија“, додека во истата реченица за Република Бугарија употребуваат само „Бугарија“. Според Османи, за македонската страна не е проблем доколку ова се „дообјасни“ оваа загриженост на Софија:
„Ако кратко име предизвикува одредена загриженост во Република Бугарија дека некој тоа може да го интерпретира како територијална претензија на историскиот регион Македонија, мислам дека ние немаме проблем да направиме дополнително објаснување до бугарската страна дека новото име е во употреба како и долгото така и краткото, меѓутоа и краткото и долгото претставуваат иста територија а тоа е Република Северна Македонија“, изјави шефот на македонската дипломатија, додавајќи дека нема дилема дека потребно е да се разрешат и допрецизираат одредени прашања.