Активната блокада е барање на граѓаните – велат од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ги предизвикува СДСМ на предвремени избори

„Активната блокада е барање на граѓаните. СДСМ создаде криза, сиромаштија, а зад завеса прави и криминал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, во одговор на критиките од СДСМ дека на  деструкциите, блокадите и насилството не им е местото во законодавниот дом и дека Собранието треба да биде институција за креирање подобри закони во секојдневната борба за заштита на стандардот на граѓаните, а не „алатка за предизвикување штета на граѓаните и на државата“.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, критикуваат дека и до 100% се зголемени цените на основните продукти, за 70% се зголемени цените на горивата, за 30% е зголемена цената на струјата, за 15% е зголемена цената на парното греење… Тоа е, велат, во поголем дел вина на СДСМ и лошото управување со државата заради криминал.

„СДСМ и ДУИ ги предизвикаа сите кризи, и тие се единствено одговорни за националната катастрофа која ја живееме“, велат од најголемата опозициска партија.

Според нив, СДСМ сака да остане на власт за да продолжи, како што велат, да краде и да ги злоупотребува средствата од буџетот. Токму затоа, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, се потребни предвремени парламентарни избори час поскоро, бидејќи ако СДСМ остане на власт долгот само ќе се зголемува, инвестиции нема да има, сиромаштијата ќе расте, а криминалот ќе царува, велат од партијата.

Од СДСМ, пак, обвинуваат дека опозицијата работи по налог на Груевски.

„Среде најголема енегетска и економска криза во Европа по Втората светска војна, кога Собранието треба да носи ефикасни решенија за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ најавува нови блокади. Патот којшто по налог на Никола Груевски го избира ВМРО-ДПМНЕ е погрешен и тој не значи штета за СДСМ, за Владата или мнозинството, туку директна штета врз граѓаните и државата“, истакна на прес-конференција Дарко Каевски – пратеник и портпарол на СДСМ.

Тој ги наведе Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, Законот за изградба на нов Клинички центар во Скопје, Законот на служба во Армијата, како примери за веќе постоечките блокади од опозицијата, со коментар дека „и тоа му е малку на Мицкоски“, па констатира дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е апсолутно незаинтересиран за реалните проблеми на граѓаните. Според Каевски и СДСМ, Мицкоски единствено е заинтересиран за својата партиска фотелја во ВМРО-ДПМНЕ и својата политичка агенда.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Мицкоски, пак, денеска го повтори „предизвикот“ до СДСМ за предвремени избори. Тој ги отфрли обвинувањата од владејачката партија дека најавената активна блокада, за која вчера одлучи Извршниот комитет на партијата, е по нарачка.

„Тие можеби работат по тој принцип на нарачки, но ВМРО-ДПМНЕ работи исклучиво за интересите на граѓаните и интересите на Македонија, и така и ќе продолжи. Инаку, она кое што вчера го донесовме како заклучок на седницата на ИК практично е реакција на акцијата на власта и за сите понатамошни последици власта ќе биде таа која ќе биде одговорна, бидејќи јас лично и ВМРО-ДПМНЕ многу пати во изминативе сто дена повикувавме на заедништво, на дијалог, да седнеме да зборуваме за проблемите, за одржување на предвремени парламентарни избори. Па ако се навистина толку јаки, ако велат дека народот ги сака, тие ќе нѐ декласираат на тие предвремени избори и ќе имаат чист мандат од четири години да ги спроведат политиките кои велат дека народот ги поддржува“, изјави Мицкоски на новинарско прашање при денешната посетата на Гевгелија.

Според него, единствен начин да се провери рејтингот на партиите се избори.

„Еве, јас не се плашам, велам ајде да седнеме да разговараме очи во очи, ајде да одиме на избори. Немам од таа страна потврден одговор, така што, единствен кој ќе биде одговорен од сега па натаму за сето она што ќе се случува во Македонија е раководството на СДСМ и самиот СДСМ“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски го коментираше и новото најавено задолжување од 900 милиони евра, оценувајќи дека власта сака да ја затскрие вистинската намена на овие средства кои всушност се за проект којшто долго го најавува ДУИ, а кој, според Мицкоски, ќе биде „епски криминал“ за кој на граѓаните наскоро ќе им стане јасно.

- Реклама -