Ако има некаква забелешка дека етничката графа ја попречува интеграцијата во ЕУ, ќе се бара „подобра варијанта за етничката припадност да стои во личните карти“, вели во изјава за „ТВ21“ лидерот на БЕСА – Биљал Касами.
Тој уверува дека Заев не се повлекол од договорот и дека СДСМ и БЕСА сѐ уште се координираат околу конечната верзија за етничката графа во личните карти и бараат начин да се надминат амандманите од Левица. Тоа, верува, ќе се случи наскоро.
И покрај тоа што Заев претходно посочи дека изјавата на евроамбасадорот Дејвид Гир за новата ЕУ регулатива била „нов момент“ и за него и за Касами, лидерот на БЕСА тврди дека етничката припадност во личната карта нема да биде пречка на патот кон ЕУ и дека тоа го потврдиле на средбата со Гир пред неколку дена. Евроамбасадорот, пак, претходно, во посочената изјава, категорично порача дека усогласеноста со европското законодавство ќе биде една од првите точки што ќе се оценуваат при почетокот на преговорите за членство на земјава во ЕУ.
И покрај уверувањата на Касами, Гир и денеска, во интервју за „ТВ21“, го потврдил истото – дека европската регулатива забранува процесирање на такви податоци, а со истата треба да се согласи секоја земја кандидат:
„Во ЕУ релевантното законодавство е нешто наречено Општа регулатива за заштита на податоците на ЕУ и тоа забранува процесирање, тоа значи пренесување и зачувување на лични податоци за националноста, расата, верата или политичката определеност, сексуалната ориентација и неколку други елементи. Тоа се стандарди на ЕУ“, вели евроамбасадорот.
Касами, меѓутоа, и натаму тврди дека до моментов не добиле никаква забелешка што би укажала на попречување на евроинтеграцијата со ваквиот чекор. Дури и да се појави таква забелешка (дека етничката припадност во личните карти би била пречка за ЕУ), Касами вели дека се подготвени да продолжат со дебатата за да се најде „подобра варијанта за етничката припадност да стои во личните карти“.
Прашан за неговиот став по ова прашање, премиерот Заев, пред два дена, рече дека би одел на донесување на одлуките, а штом ќе стапат на сила регулативите од Европската унија – да сме ги почитувале…