Премиерот Зоран Заев останува на ставот дека треба да се воведе етничката припадност во личните карти, и покрај тоа што, како што рече, нов момент за нив и за БЕСА била најавената регулатива на ЕУ која стапува на сила од август, а која забранува споделување на такви податоци во документите за лична идентификација. Според него, барањето на БЕСА треба да се имплементира, а потоа, штом стапи на сила, да се почитува регулативата на ЕУ.
Имено, прашан дали ќе се оди на усвојување на предлог-законот на БЕСА или на негово избегнување, со оглед дека може да се одрази на стабилноста на парламентарното мнозинство, премиерот одговори:
„Имаме навистина пријателски, отворени и разумни и рационални разговори, и со БЕСА и со сите други наши коалициони партнери. Ние сме дале збор уште на почетокот на 2019-та кога ги завршувавме уставните промени. Тоа ѝ беше важно на политичката партија БЕСА, која тогаш беше во опозиција, и ние тоа го потврдивме дури и со соопштение на Владата. И до ден денеска го потврдуваме.
Секако, флексибилноста и тие ја кажаа на опција на избор за впишување на таа графа на етничка припадност. Но, истовремено, и за мене и за нив е нов моментот дека од август стапува на сила европска регулатива кадешто тајноста на податоците е загарантирана, односно е забранета да се впишува во документите за лична идентификација етничката припадност, политичката определба, верската и многу други определби.
Јас би одел да се донесат одлуките, посебно со опција на избор, а штом ќе стапат на сила регулативите од Европската унија – ние треба да ги почитуваме. Сите сме за Европската унија, не само коалицијата, туку и цела опозиција тоа го кажува. Така да, ако остануваме на патот на ЕУ, а остануваме и нема друга алтернатива, треба да ги почитуваме европските регулативи“, рече премиерот.
Тој истакна и дека важно е што сите дале поддршка за предлогот, но и дека сите се согласни дека треба да се почитуваат европските регулативи:
„Но, за мене е важен и овој дискурс, дебата што ја имаме – на подготвеност. Важно ми е дека најголемата македонска или мултиетничка партија – СДСМ, даде поддршка. Важно ми е и што втората по големина партија – ВМРО-ДПМНЕ, ја даде поддршката. Даваат и помалите партии, помалите етнички заедници. И тоа е нешто што е квалитатив плус, посебно во делот на опцијата, оти па ние можеме да дадеме поддршка, ама ќе има граѓани коишто ќе нејќат. Тие треба да имаат опција да изберат. Дефинитивно ми е многу важно што сите сме на ставот да ги почитуваме европските регулативи – како е во Европа, така треба да биде и кај нас“, заклучи Заев.