Ахмети: Мицкоски требаше да го унапреди албанскиот и за меѓународна употреба; И ние сме незадоволни од компромисот во 2001 но така е најдобро за сите

Лидерот на ДУИ – Али Ахмети, очекувал премиерот Мицкоски да излезе и да каже дека е за соживот, дека го почитува албанскиот народ и да го унапреди албанскиот јазик да биде официјален и во меѓународна употреба. Тоа вечерва го изјави пред сопартијците од ДУИ во кампот што чува „стража на јазикот“ пред Уставниот суд.

Ахмети се наврати и на војната во 2001 година и Рамковниот договор од Охрид, истакнувајќи притоа, дека и Албанците, како и Македонците, се незадоволни од компромисот, но дека тоа било најдоброто решение.

Затоа, порача Ахмети, Мицкоски да не допира во сржта на Албанците, затоа што во оваа држава не може да има една страна што ќе доминира.

„Зошто ова не го направи, туку цело време, веќе седум години, се повикуваш дека Македонците имаат изгубено многу од владеењето со Албанците? Зошто господине Христијан, ти и многу други политичари и аналитичари во земјава ме обвинувате и мене и Албанците за тоа што дојде до војната во 2001 година? Војната престана со компромисот кој не ги задоволи страните. И ние сме незадоволни од компромисот, но компромисите се најдоброто решение, како за нас, така и за вас. Затоа почитувајте го Охридскиот рамковен договор и немојте да допирате во сржта на Албанците, затоа што не е добро ниту за вас ниту за нас. Оваа држава е заедничка и не може да има само една страна којашто ќе доминира“, рече Ахмети во обраќањето.

Прочитајте и:  Уставен одлучи да одржи подготвителна седница за Законот за јазици, до „стражарите“ порача: Уставноста не се брани на улица, туку во судот
- Реклама -