
„Па, тоа требаше да се протне низ проектите што се работат“, му напишал Ага на претприемачот Хрвоје Моќан, сопственик на фирмата Експерт градња, кога тој го прашал како да ги регулира сметките за градежниот материјал наменет за семејството на началникот.
Моќан пред истражителите изјавил дека Ага барал преку проекти финансирани од Европската Унија да се плаќаат материјали за куќите на неговиот син и ќерка, како и поставување плочки во куќата на синот.
Истражителите утврдиле дека од октомври 2023 до јуни 2024 година биле издадени фактури во вкупна вредност од 12.150 евра за материјали наменети за семејството на Ага. Дали овие трошоци навистина биле покриени со европски средства е предмет на истрагата.
Обвинителите испитуваат и сомнежи за местење тендери за реконструкција на општествен дом, како и можни неправилности во друг проект за енергетска обнова, вреден 226.793 евра. Според сомнежите, биле барани пресметки и за работи што сè уште не биле изведени.
Ага бил уапсен, а по испитувањето бил пуштен да се брани од слобода. Индекс објави дека признал малверзации со европските средства, без да прецизира кои конкретни дејства ги признал.
Во меѓувреме, Ага поднесе оставка на функцијата началник на општината Решетари.



