
Стипендиите, во месечен износ од 400 евра, се наменети за матуранти и студенти од Преспа кои студираат екологија, биологија, шумарство и земјоделски науки. Целта е да се поттикнат образованието и создавањето локални стручни кадри за истражување и зачувување на природното богатство на регионот.
Добитници на првите стипендии се Александар Димитриевски, Александар Филиповски и Виктор Малинчевски, студенти на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, како и Димитар Нечовски, студент на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје.
„Зачувувањето на природата на Преспа не зависи само од добрите иницијативи и проекти, туку и од луѓето кои имаат знаење и стручност да се грижат за неа. Затоа сметаме дека поддршката на младите од регионот кои се определуваат за студии во областа на природните науки е особено важна“, вели Даниела Заец, координаторка на локалната канцеларија на Македонското еколошко друштво во Ресен.
Покрај финансиската поддршка, стипендистите ќе бидат вклучени во менторска програма на МЕД, во соработка со Паркот на природата „Езерани“, Националниот парк „Галичица“ и Националниот парк „Пелистер“. Програмата за стипендирање ќе се спроведува до учебната 2028/2029 година во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран од Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ).







