
Сообраќајот на патиштата во Македонија се одвива непречено, по претежно суви коловози, со умерен интензитет надвор од градските средини, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
АМСМ предупредува на можна појава на одрони на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, со препорака за поголема внимателност на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Поради градежни работи, на патниот правец Кичево – Охрид сообраќајот се одвива со девијации и со поставена сигнализација. На делницата Калишта – Радожда, кај местото Елен Камен, возилата се пропуштаат наизменично по една сообраќајна лента.
Од 17 ноември за сите видови возила е затворен патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица. Времен режим има на автопатот А2, на делницата Пресека – Песочан до клучката Арбиново, а работи се изведуваат и на мостот на реката Тајмишка, на патниот правец Гостивар – Кичево.
На автопатот А1, на делницата Гевгелија – граничниот премин Богородица, сообраќајот поради градежни активности е пренасочен на спротивната страна од автопатот и се одвива во двете насоки. Зимска опрема во возилата е задолжителна од 15 ноември до 15 март, без оглед на временските услови.




