Обвинение против инвеститорот и фирмата по смртта на работник во Охрид

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинителен предлог против две физички и две правни лица за смртта на работник во зграда во изградба во Охрид.

0
Обвинение против инвеститорот и фирмата по смртта на работник во Охрид (Опсервер)
Фото: Опсервер

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинителен предлог против две физички и две правни лица, на кои им се ставаат на товар кривични дела поврзани со смртта на работникот.

Според обвинението, одговорното лице во една од фирмите, како инвеститор, не презело мерки за заштита на градилиштето. Лифтовското окно немало заштитна ограда, градилиштето не било уредно, влезот не бил обезбеден од неовластени лица, а на скалите немало огради.

Реклама

На 12 јануари, во утринските часови, четворица работници ангажирани од другото обвинето правно лице влегле во зградата за да внесат мебел. На четвртиот кат, еден од нив се сопнал од кофа во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал низ отворот за лифтот до подрумските простории. Починал на самото место од здобиените тешки телесни повреди.

Со обвинението се опфатени и фирмата што ги ангажирала работниците и нејзиниот управител. Обвинителството наведува дека Кристијан Љушев бил ангажиран без договор за вработување и работел како помошник монтер без обука за безбедност и здравје при работа, здравствен преглед и упатства за работа во услови на зголемен ризик.

Работниците работеле по усмен налог од управителот, без претходна проценка на работната средина, иако објектот бил во изградба и претставувал зголемена опасност. На обвинетите им се ставаат на товар тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа.

Обвинителството до Основниот суд во Охрид доставило и предлог за забрана на статусни промени во двете обвинети фирми, со цел да се спречат промени и отуѓување имот за време на постапката.