Што се случува со куферите што никој не ги подигнува?

1

Лентата за багаж се врти, другите патници си заминуваат, а вашиот куфер никаде го нема. Оставате податоци на шалтерот и си одите со надеж дека ќе ви се јават. Но што се случува со куферите што авиокомпаниите никогаш не успеваат да им ги вратат на сопствениците? Во САД, дел од нив завршуваат во продавница во Скотсборо, Алабама.

Продавницата се вика Unclaimed Baggage и купува багаж што останал неподигнат и по најмалку 90 дена потрага по сопствениците. Куферите ги купува затворени, па вработените дознаваат што има внатре дури кога ќе ги отворат. Облеката се чисти, од електронските уреди се бришат податоците, а предметите што се во добра состојба добиваат цена и завршуваат на полица.

Реклама

Идејата почнала во 1970 година со багаж заборавен во автобуси. Дојл и Сузан Овенс прво купувале неподигнати торби од автобуски компании и ја продавале нивната содржина. Подоцна почнале да купуваат и куфери од авиокомпании, а работата што ја воделе со скратено работно време прераснала во голема продавница.

На полиците најчесто има облека, очила, фотоапарати и електроника. Низ годините, вработените наишле и на венчаници и на „Ролекс“ вреден 22.000 долари. За најнеобичните наоди има и мал музеј во самата продавница. Меѓу изложените предмети се витешки оклоп, гајда и оригиналната кукла Хогл од филмот „Лавиринт“.

А што се случило кога во еден од куферите нашле жива змија ѕвечарка? За тоа нема многу детали. Но по такво отворање, тешко дека следниот куфер го откопчале со истата лежерност.