Европол уапси 354 лица поврзани со продажба на нелегална стока на дарк веб

Во меѓународна полициска акција координирана од Европол биле уапсени 354 лица поврзани со продажба или купување нелегална стока преку дарк веб, а запленети биле повеќе од 210 милиони евра во готовина и криптовалути.

2
Европол уапси 354 лица поврзани со продажба на нелегална стока на дарк веб (Нетпрес)
Фото: Нетпрес

Во операцијата со кодно име „ТорНадо“ учествувале полициски и други надлежни служби од 14 држави, а биле извршени стотици претреси ширум светот. Акцијата се одвивала од мај 2025 до октомври 2026 година.

Осомничените биле идентификувани по затворањето на пет големи пазари на дарк веб. Акцијата била насочена кон продавачи и купувачи што користеле интернет-форуми, онлајн продавници на поединечни продавачи и шифрирани сервиси за размена на пораки.

Реклама

Во европските земји биле запленети 950 килограми дрога, меѓу кои амфетамини, кетамин, МДМА, канабис и кокаин, како и повеќе од еден милион таблети и лекови на рецепт. Запленети биле и 57 парчиња огнено оружје со муниција, како и повеќе од 60 милиони евра во готовина и криптовалути.

Во САД биле запленети повеќе од 4,8 тони дрога, 152 парчиња огнено оружје и повеќе од 150 милиони евра во готовина и криптовалути. Според Европол, во акцијата биле запленети повеќе од 210 милиони евра во готовина и криптовалути.

Европол обезбедил поддршка на терен во Чешка и Словенија, ги координирал истрагите и помогнал во следењето на незаконските трансакции. Агенцијата наведува дека трговијата на дарк веб сè повеќе се дели на платформи специјализирани за одредени криминални активности, а корисниците на затворените пазари брзо преминуваат на нови платформи.