
Во експозитурата во Прилеп, клиентите со платежна сметка без платежна картичка ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели, согласно утврдениот лимит.
Продолжуваат да работат и филијалите на „АЛТА банка“ во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. Таму клиентите можат да подигнуваат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Клиентите од 10 ноември можат да ги користат електронското и мобилното банкарство. Лимитот е до 15.000 денари неделно за клиентите со платежна картичка и до 20.000 денари во период од две недели за оние без картичка.
Лимитите важат збирно за сите сметки на клиентот во Банката и ги опфаќаат плаќањата со картички во продавници и преку интернет, подигнувањето готовина од банкомати и на шалтер, како и плаќањата преку електронско и мобилно банкарство.
Физичките лица можат без ограничување на износот да располагаат со нови приливи на сметките во „АЛТА банка“ доколку средствата доаѓаат од платежни сметки во други банки и даватели на платежни услуги.
На компаниите што во последните три месеци редовно исплаќале плати преку сметки во Банката им е овозможено да ги исплатат платите, заедно со соодветните даноци и придонеси. Народната банка соопшти дека продолжува да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ и да презема активности за полесен пристап до средствата и непречено извршување на платежните услуги.




