
По давањето свечена изјава пред Советот на јавните обвинители, Хаџи Василева рече дека нејзини приоритети се ефикасен кривичен прогон, целисходна работа на обвинителството и максимално искористување на расположливите ресурси. Таа најави и залагање за обезбедување повеќе ресурси и поефикасно користење на постојните.
„Приоритетите се јасни, ефикасен кривичен прогон, целисходност во нашата работа и максимално искористување на ресурсите што ни се ставени на располагање. Свесни сме дека тие во одреден дел се ограничени, но ќе се залагаме за обезбедување повеќе ресурси и за што поефикасно користење на постојните, со цел да постигнеме поуспешни резултати“, изјави Хаџи Василева.
Осврнувајќи се на оценката во последниот извештај на Европската комисија дека нема напредок во борбата против корупцијата, таа рече дека е свесна за предизвиците и дека ќе се обиде да обезбеди поефикасен и поодлучен кривичен прогон во предмети што го засегаат јавниот интерес.
Хаџи Василева беше избрана на функцијата на изборите одржани на 28 октомври, со 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. За местото се кандидираа и Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ и Јован Цветановски.
Таа доаѓа на местото на Ислам Абази, чиј мандат истече. Абази беше избран за шеф на обвинителството во октомври 2022 година.



