На интернет просторот се појавија првите неофицијални фотографии на Seat Leon ST, кој ќе дебитира во септември на салонот во Франкфурт.
Новата караванска верзија излегува година дена по премиерата на новиот хечбек Leon со пет врати и неколку месеци по доаѓањето на неговата тривратна варијанта. Од компанијата соопштуваат дека ST верзијата може да собере 587 литри багаж, што е со неколку литри помалку од можностите на Golf VII Variant (605 литри) и Octavia Combi (610 литри).
Разликите во дизајнот се секако во задниот дел, шини за монтирање на багажник, како и различниот изглед на тркалата. На задниот дел се забележуваат повеќе заоблени и повеќе купеовски линии од она што сме навикнале. Тоа е вообичаена практика во последно време на концернот Volkswagen Group, кој развива целосно нови позадини за своите каравански изведби. Ваквата политика може да се забележи и во Golf Variant и Octavia Combi.
Палетата на мотори ќе биде непроменета од другите две варијанти на Leon. Очекуваме 1.2 TSI мотор со 86 КЅ, 1.8 TSI со 180 КЅ, како и дизелските 1.6 и 2.0 TDI со моќност од 90 до 184 КЅ.
Од одделот за истражување и развој на Seat потврдија дека Leon ST ќе се нуди и со десен управувач, како и со 4MOTION системот на Golf VII. Seat објави дека до крајот на годината ќе биде претставена набилданата верзија Leon Cupra во верзија со три и пет врати. Cupra ST засега е под прашање.
Текстот е објавен во соработка со АвтоПлус