Патрик Стјуарт смело одеше таму каде што другите не биле

2
Патрик Стјуарт смело одеше таму каде што другите не биле
Фото: МКД.мк

Кога во 1987 година премиерно беше прикажана серијата „Ѕвездени патеки: Следната генерација“, еден весник го опиша нејзиниот главен актер како „непознат британски шекспировски актер“. Патрик Стјуарт тогаш веќе имаше 47 години и зад себе 14 години како постојан член на Кралската шекспировска трупа. Но дотогаш немаше искусено ништо слично на славата што наскоро ќе му ја донесе улогата на Жан-Лук Пикард – капетанот на вселенскиот брод „Ентерпрајз“ и олицетворение на префинетата машкост. Кога следниот ден дошол на снимање, еден колега на вратата од неговата приколка залепил натпис: „ВНИМАНИЕ: НЕПОЗНАТ БРИТАНСКИ ШЕКСПИРОВСКИ АКТЕР“.

Стјуарт, вели Њујоркер во 2023, сега има 83 години, речиси половина од животот го поминал како Жан-Лук Пикард и размислува за неверојатниот пат што го одвел од сиромашното детство во северна Англија до последната граница на вселената. Како момче во Мирфилд, индустриски град во Јоркшир, во куќата немал топла вода, фрижидер, ниту тоалет. „Од момчињата од Мирфилд како мене не се очекуваше да имаат големи амбиции. Секако не такви што некогаш би ме одвеле во вселената“, пишува во својата нова автобиографија „Нека биде така“ (Making It So).

Реклама

„Се наоѓам на непознат терен“, ми рече неодамна Стјуарт, вели авторот на интервјуто, Мајкл Шулман. „Никогаш порано не сум напишал ништо, освен можеби вовед од двесте збора или писмо со благодарност.“ Седевме во дневната соба на еден хотел на Менхетн, каде што неговата трета сопруга, музичарката Сани Озел, му дотураше кафе. И порано му предлагале да ја напише својата животна приказна, но секогаш одбивал. „Никогаш немав време за тоа. Но во почетокот на 2020 година агентот ми рече: ‘Слушај, Патрик, нема работа. Сѐ ќе се затвори, насекаде, и тоа може да трае со месеци. Ова ти е единствената можност, па зошто да не пробаш? Ако не успее, едноставно ќе го вратиме авансот, а ти ќе можеш да продолжиш да си редиш сложувалки.’“

Додека Стјуарт зборуваше, неговиот звучен глас ја исполнуваше собата, а густите веѓи – кои изгледаат уште понагласено бидејќи се единствените видливи влакна на неговата глава – танцуваа над очите. Стјуарт е роден раскажувач, во што може да се увери секој што ја гледал неговата самостојна сценска изведба на „Божиќна приказна“.

Го запознав пред тринаесет години, кога играше во претставата „Живот во театарот“ од Дејвид Мамет и ме прими во својата гардероба за интервју за рубриката ‘Градски муабети’ за некои од непознатите британски театарски глумци со кои работел во почетокот на кариерата. Се сеќавам дека седев маѓепсан, поставувајќи прашања на кои тој одговараше со долги, раскошни монолози, преполни со сеќавања. Истото чувство го имав додека ја читав „Нека биде така“, а потоа повторно кога разговаравме минатиот месец. (Од почит кон штрајкот на актерскиот синдикат, за „Ѕвездени патеки“ разговаравме само во контекст на неговите мемоари.) Нашиот разговор ја опфаќа неговата доживотна фасцинација од Шекспир, средбите со рок-ѕвезди и легенди на стариот Холивуд, како и надувувањето – во повеќе од една смисла.

Целиот ваш живот е толку живо запаметен, уште од најраното детство. Додека пишувавте, дали требаше да направите нешто посебно за да ги оживеете деталите? Дали моравте да истражувате за самиот себе?

Реклама

Некој вид истражување, Мајкл. Немав прочитано многу мемоари, можеби два-три. Голем љубител сум на романите. Страсно ги сакам книгите уште од пет-шестгодишна возраст, кога ја открив локалната библиотека во моето мало гратче во северна Англија. Дома немавме телевизор. Немавме грамофон. Имавме само Радио Би-би-си. Затоа библиотеката ми беше извор не само на забава туку, како што растев, и на образование. Моето образование беше мошне базично и со години се чувствував непријатно поради тоа, особено кога почнав да работам со луѓе што студирале на универзитети како Оксфорд и Кембриџ.

Неколку дена пред да почнам да пишувам, едноставно им дозволив на спомените од раното детство да ми се вратат. Дозволи ми да почнам од почетокот на приказната и да ја поставам сцената, што веројатно ќе изненади многумина, кога ќе дознаат во каква сиромаштија сум пораснал. Живеевме во куќа што ја нарекуваа „една горе, една долу“ – една соба долу, една соба горе, а влезната врата излегуваше директно на двор покриен со згура. Кога бев дете, таму живеевме јас, мојот постар брат Тревор и мојата прекрасна, добра, нежна, грижлива и духовита мајка. Првите пет години од мојот живот беа чисто блаженство. Рај на земјата!

Кога ги отворив тие врати, спомените најпрво почнаа полека да навираат, а потоа се претворија во вистинска поплава.

Еден од вашите најрани спомени е средбата со вашата прва праска во животот. Што се случи?

Реклама

Татко ми се врати од војната во 1945 година. Се врати во униформа и долго време ја чуваше униформата. Одевме на многу скромни одмори. Ќе отидевме или во градовите покрај Северно Море или на западниот брег на Британија, кон Ирско Море – Моркам, Блекпул. Бевме во Блекпул и шетавме по крајбрежното шеталиште – татко ми, брат ми, мајка ми и јас – и поминавме покрај една пилјарница. Татко ми скршна, а по неколку минути се врати со рацете зад грб и ми рече: „Патрик, затвори ги очите и испружи ја раката“. Ми стави нешто во раката, а чувството воопшто не ми се допадна. Помислив дека е некакво животинче. Ја повлеков раката. Татко ми викна: „Немој!“ Ги отворив очите и видов дека тоа е овошје какво што никогаш порано немав видено, а сега беше згмечено на тротоарот. И татко ми ме удри. Мислам дека тоа беше единствениот пат кога ме удри. Тој беше тепач, но мислам дека мене ме удри само тогаш. Оттогаш тоа овошје секогаш го поврзувам со тој миг, со едно понижувачко и непријатно искуство. А такви имаше многу. Се навикнав на нив.

Во книгата пишувате: „Ми беа потребни децении анализа, почнувајќи од крајот на осумдесеттите, за да го разберам и да се справам со влијанието на насилството, стравот, срамот и вината што ги доживеав како дете“. Што сфативте за причините поради кои татко ви се однесувал така?

Додека растев, никогаш не зборував за своето потекло, бидејќи многу се срамев. Соседите знаеја што може да направи татко ми и што навистина правеше. Добро ги знаеја неговите викања и дерења. Некој, мислам дека можеби беше мојот лекар, ми рече: „Многу е веројатно дека татко ти страда од војнички шок“. Но во тоа време војничкиот шок не се лекуваше. Пред неколку години Би-би-си ме покани да учествувам во емисијата „Кој мислиш дека си ти?“. Во неа имаше историчар специјализиран за здравствени состојби предизвикани од воената служба. Ми рече дека нема никакво сомневање оти татко ми страдал од посттрауматско стресно растројство. Но во четириесеттите години не постоеше таква дијагноза. Значи, татко ми бил болен и токму болеста го терала да ја губи контролата. Тој беше „викенд-алкохоличар“. Во петок навечер почнуваше да пие и продолжуваше до недела навечер. Тогаш беше опасно да се биде во негова близина.

Пишувате дека актерството за вас било „засолниште“. Како првпат го откривте Шекспир?

За тоа е заслужен мојот наставник кога имав дванаесет години. Се викаше Сесил Дорманд. Сесил првпат ми стави в раце примерок од една Шекспирова драма. Никогаш порано не бев слушнал за неа. Беше „Венецијанскиот трговец“. Одеше низ училницата и им делеше примероци на учениците. Ми рече: „Патрик – Шајлок“. Се разбира, првпат слушнав за Шајлок. Рече: „Добро, почнете да читате. Четврти чин, прва сцена“. Сите се нурнавме во текстот, но мислам дека никој од нас не разбираше што чита. А читавме во себе. Сесил Дорманд извика: „Не во себе, идиоти! Ова е драма! Ова е театар! Ова е живот! Почнете одново, и овојпат читајте наглас!“ И почнавме. Немав поим за што зборувам, а имаше и зборови што никогаш порано ги немав сретнато. Првиот говор на Шајлок во таа сцена има околу дваесет и пет реда, па беше вистинска мака. Но нешто допре длабоко во мене, нешто што никогаш порано не сум го почувствувал. Тоа беше почетокот.

Потоа, во еден период, истовремено игравте во аматерски театар и работевте како новинар во весник?

Да. Директорот на моето училиште искористил некои врски со уредникот на нашиот локален весник, Дјузбери енд дистрикт репортер, и еден ден ме викнаа и ми рекоа: „Ти понудија работа, но како новинар од многу низок ранг“. Зградата во која работевме имаше зашилен облик, а новинарската соба се наоѓаше на најтесниот крај. Пред последниот прозорец седеше човек по име Чарли Пиклс, заменик-уредникот. Беше тежок човек. Го слушавме како воздивнува, стенка и си мрмори самиот на себе. Ми дадоа список луѓе на кои требаше да им се јавувам секоја недела, на некои и двапати неделно. Еден беше сопственик на паб, друг секретар на работнички клуб. Оттаму доаѓаа озборувањата. Успевав да напишам по една-две работи, а потоа следуваа воздивнувања и стенкања. Чарли ги поправаше и пречкртуваше делови од текстовите. Помина некое време и конечно ме викнаа во канцеларијата на главниот уредник. Се викаше Хенри Вилсон. Дознал дека ги пропуштам вечерните настани, главно затоа што до петнаесеттата година веќе работев со неколку аматерски драмски групи. Пробите беа навечер, па морав да најдам замена што ќе ја заврши работата наместо мене и ќе го напише текстот под мое име. Ме открија кога избувна голем пожар во фабрика за ткаење. Уредникот и неговиот заменик си се чуле и си рекле: „Патрик е во соседната општинска зграда. Имаме очевидец!“ Се разбира, јас не бев таму. Бев во друг град, на проба. Следното утро дознаа и бев до гуша во гомна. Ме испратија во канцеларијата на уредникот и тој ми рече: „Слушај, Патрик, мислам дека би можел да бидеш многу добар во оваа работа. Но мора да се сконцентрираш на тоа што го правиш. Мора да се откажеш од аматерскиот театар, бидејќи не можеш да ги правиш двете работи“. А јас му реков: „Тогаш веднаш ќе се поздравиме, господине Вилсон“. Ме погледна вчудовидено. Истото попладне ја спакував машината за пишување и никогаш повеќе не се вратив.

Тоа на крај ве одвело до актерската школа, и сакам да ве прашам за ќелавоста, бидејќи пишувате дека косата почнала да ви паѓа на седумнаесет години, а на деветнаесет веќе сте биле ќелав како денес. Тоа сигурно било прилично вознемирувачко. Како реагиравте?

Мразев што ја губам косата. Имав прекрасна, густа коса. Татко ми беше ќелав. Имав видено фотографии од дедо ми – и тој бил ќелав. Значи, знаев што ме чека. Исто така знаев дека, како што ми се ретчи косата, така се намалуваат и шансите да најдам девојка. Се мачев, одев по фризери, пробував третмани што воопшто не помагаа, а ме чинеа многу пари што не можев да си ги дозволам. Еден ден, кога веќе бев во актерската школа, имаше еден Унгарец што беше дошол поради револуцијата. Мислам дека бил режисер во Будимпешта – и ми рече: „Патрик, знам дека се секираш поради губењето на косата, но тоа ќе стане дел од тебе. Зошто едноставно не ја истрижеш целата?“ Му реков: „Нема шанси. Пробувам да ја зачувам“. Неколку дена подоцна отидов кај него дома. Одеднаш ме зграпчи за рацете, а неговата сопруга ми пријде со ножици. Веднаш сфатив што сакаат да направат. Се борев, викав, пцуев. А таа ми ја истрижи косата, долгите перчиња што ги префрлав преку глава за да ја скријам ќелавоста. Кога заврши, тој ми рече: „Сега биди си тоа што си!“ И токму тоа требаше да ми го каже. Бидејќи јас се криев.

Кога ја завршив школата и почнав да одам на професионални аудиции, знаејќи колку е тешко во регионалните театри, одев со перика. Обично на аудиција се изведуваат два монолога. Ќе го изведев првиот, а тие ќе речеа: „Добро, да го видиме вториот. Што ќе играте?“ Додека им објаснував што ќе изведувам, ја симнував периката. Тие зинуваа. А јас велев: „Решете се. Можете да добиете уште еден актер, или двајца актери по цена на еден“.

Сигурно ви приоѓаат многу обожаватели – љубители на „Ѕвездени патеки“, на театарот – но дали добивате посебни коментари од ќелави мажи?

Да. Колку пати на улица ми пришол некој што ја симнал капата, ја покажал ќелавата глава и ми рекол: „Ми го спаси животот!“ Сосема случајно, жена ми и јас разговаравме за тоа пред само неколку дена. Таа ми призна дека отсекогаш ја привлекувале ќелави мажи, уште од тинејџерските години. Ѝ реков: „О, фала богу! Сега сфаќам зошто се осмели да прифатиш да излезеш со мене“.

Вашето образование во актерската школа и почетокот на кариерата во британскиот театар изгледаат речиси дијаметрално спротивни на она што во тоа време се случувало во Америка, каде што методската глума била вистинска мода. Пишувате: „‘Живеењето’ или ‘станувањето’ лик никогаш не беше дел од нашиот речник или наставна програма“. Што мислевте за методската глума и дали некогаш ја користевте?

Ја користев многу, но во почетокот исклучиво преку филмовите што ги гледав како млад. Бев вљубен во техниколорот, а една вечер отидов во локалното кино и првото нешто што ме погоди беше дека филмот е црно-бел. Сакав да гледам филм во техниколор. Сепак влегов. Филмот се викаше „На доковите на Њујорк“. Не бев слушнал за ниту еден од актерите, а се викаа Марлон Брандо, Ева Мари Сент, Род Стајгер. Никогаш порано не бев видел таква глума на филмското платно. Најпрво бев разочаран, а потоа заинтригиран. Како да гледав документарец – толку вистинито, толку реално. Бев маѓепсан од тоа што го открив. Подоцна ми објаснија дека сите тие биле актери што ја користеле методската глума. Кога го дознав тоа, почнав да го истражувам методот, да го читам Станиславски и така натаму. Тоа ми стана водилка, иако во почетокот не бев особено добар, бидејќи не бев обучуван на тој начин. Знам дека Данкан Рос, директорот на мојата школа, често ни зборуваше дека нашата глума мора да доаѓа однатре, а не однадвор. Со други зборови, спротивноста на методската глума беше демонстрирањето. Така научив да не ја демонстрирам улогата, туку да ја живеам.

Пишувате за улогата на Леонт во „Зимска приказна“ со Кралската шекспировска театарска трупа во 1981 година. Тоа е многу тешка улога, бидејќи станува збор за психопат што си го уништува животот поради ситничавост и љубомора. Ви требало нешто поблиско до методската глума. Како откривте како да ја играте таа улога?

Со помош на режисерот (Роналд Ер), кој ми ја понуди улогата. Ликот беше ужасен човек – едноставно не можев да се поврзам со него. Не знаев што да правам. Тоа беше мојата прва главна улога во Кралската шекспировска трупа, па бев возбуден, но и збунет од самата драма. Еден ден во просторијата за одмор на трупата ја видов дамата Пеги Ешкрофт, која со години беше несомнено најважната актерка во Британија. Седеше сама. Ѝ реков: „Дамо Пег, може ли да седнам? Имам проблем“. Ѝ раскажав за понудата што ја добив, и таа рече: „Доста, доста! Тој е ужасен човек. Публиката нема да го сака. Никој нема да те сака тебе. Патрик, немој да го правиш тоа!“ Ми олесна. Па, ако така вели дамата Пеги Ешкрофт, сигурно е во право! Му се јавив на режисерот и му реков: „Ви благодарам за понудата. Многу ми ласка, но морам да ја одбијам“. Тој рече: „Патрик, може ли да се видиме?“ Кога се сретнавме, ми рече: „Слушај, Патрик, има нешто што морам да ти го кажам и можеби ќе ти биде тешко да го слушнеш, но силно верувам во тоа. Знам дека Леонт е во тебе. Само треба да го пуштиш да излезе“. Никој никогаш порано не ми кажал нешто такво.

Каде го пронајдовте Леонт во себе?

Потиснат гнев, потиснат бес, тага. Понекоја нишка омраза, тук-таму. Не знам дали режисерот ги знаеше деталите од моето детство и растење. Можеби некој му кажал, а можеби самиот го забележал тоа. Погледнав во себе и се сосредоточив на чувствата што сум ги имал, а кои можеби беа поблиски до Леонт отколку до Патрик Стјуарт. И ја живеев улогата. Имам многу драг пријател во јужна Калифорнија, кој беше професор по англиски јазик на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес кога се запознавме. Дојде двапати да ја гледа „Зимска приказна“. По второто гледање отидовме на вечера. Актерката што ја играше мојата сопруга доби одлични критики, како и друг актер што играше една од комичните улоги. За мене критиките беа некако: „Аха, аха“. А мојот пријател, професорот Дејвид Роудс, рече: „Повеќе луѓе ќе уживаа во тоа што го направи ако немаа чувство дека е премногу лично за да биде на сцена“. Се разбира, тоа го сфатив како огромен комплимент.

Потоа дојде големата пресвртница во вашата кариера – улогата на Жан-Лук Пикард во „Ѕвездени патеки: Следната генерација“. Пишувате дека повторно ја гледавте серијата додека ги пишувавте мемоарите и дека тоа било „емоционален ураган“. Зошто?

Ги гледав првата и втората сезона и бев разочаран од тоа што го видов, особено од првата сезона, а конкретно од моето дело. Му недостигаше интимност. Пикард беше многу авторитативен, но во него имаше малку други квалитети. Во книгата раскажувам како свикав состанок со главните колеги од актерската екипа и им реков дека мислам оти не сме доволно дисциплинирани, дека не треба толку да се шегуваме на снимањето, туку сѐ да сфаќаме сериозно. Еден од актерите рече: „О, ајде, Патрик, мора малку и да се забавуваме“. Јас удрив по столот и реков: „Не сме тука за да се забавуваме!“ Тоа никогаш не ми го заборавија. Тие ме научија многу за тоа како да се опуштам и да бидам послободен. Сето тоа се надоврза на чувството што го имав кога ги гледав Марлон Брандо и Род Стајгер. Мислам дека нашата работа стануваше сѐ подобра низ третата, четвртата, петтата, шестата и седмата сезона.

Ова е многу интересно, бидејќи изгледате како многу забавен човек. Во последните десет години станавте ѕвезда на социјалните мрежи: како го јадете првото парче њујоршка пица, како седите во када облечен во костим на јастог за Ноќта на вештерките. Му ја покажавте на светот и смешната страна на Патрик Стјуарт. Како почнавте да ги користите социјалните мрежи?

Поради мојата сопруга и мојата ПР-агенција, ИД ПР. Често ми зборуваа за социјалните мрежи. Тоа воопшто не беше дел од мојот свет и мислев дека во нив има нешто суштински глупаво. А потоа, кога дојде време да го промовирам „Пикард“ или некое друго мое дело, почнаа да ме охрабруваат да ги истражам социјалните мрежи. Мојата сопруга Сани беше многу искусна со интернетот и имаше многу добри идеи.

Можете ли да ми раскажете за видеото што го направивте заедно, во кое ја демонстриравте „четирикратната реакција“?

Ќе бидам комплетно искрен со тебе, тоа делумно се случи поради… (сер Патрик Стјуарт имитира пушење џоинт). Едно викенд-попладне, додека престојувавме на село, повлековме по еден дим марихуана. Кај мене тоа беше буквално еден дим, бидејќи имам многу ниска толеранција. Не знам како се појави идејата за четирикратната реакција, но ѝ ја покажав на сопругата, а таа рече: „Брзо, да го снимам тоа! Направи го пак одново!“ Го повторив, а таа рече: „Мислам дека ова треба да го постираме“. О, колку ми беше непријатно! На мое огромно изненадување, видеото стана вистинска сензација.

За последниот дел од интервјуто сакам да играме една игра што ја нареков „Спомни име“. Јас ќе ви кажам име, а вие раскажете ми некоја приказна за таа личност. Првиот е Пол Макартни.

Популарната музика никогаш немала голема улога во мојот живот, но Битлси оставија силен впечаток врз мене. Мислев дека се неверојатни. Знаев дека се четири момчиња од работничката класа од Ливерпул. Добро, тие беа од Ланкашир, а не од Јоркшир како мене! Во средината на шеесеттите работев во театарот Бристол олд вик, а во ансамблот имаше една млада актерка. Сите знаевме дека му е девојка на Пол Макартни, но никој никогаш не зборуваше за тоа. Еден ден дознавме дека Пол дошол во Бристол и дека вечерта ќе ја гледа претставата. Неколку дена претходно, повеќето главни глумци ручавме во локалниот паб и игравме една игра: ако добиеш милион фунти, што прво би купил? Кога дојде редот на мене, реков: „О, нема дилема. Астон мартин ДБ4“. Тоа беа многу скапи и прекрасни автомобили, а јас отсекогаш сум бил љубител на автомобили. И така, во саботата навечер, кога знаевме дека Пол е во публиката, јас седев во мојата многу мала гардероба. Некој тропна на вратата. Сѐ уште бев по долна облека. Реков: „Влезете“, и на вратата стоеше Пол Макартни. Рече: „Дознав дека си љубител на астон мартини. Еве, вози го ова“. И ми фрли снопче клучеви.

Сѐ уште не можев да поверувам дека Пол Макартни стои пред мојата гардероба. Реков: „Не, не, не можам“. Тој рече: „Знаеш што? Провози нѐ двајцата. Јас никогаш во животот не сум бил во Бат. Може да нѐ одвезеш до Бат и назад“. Излеговме, а на крајот од уличката што водеше до службениот влез на театарот стоеше сребрен астон мартин. Не беше ДБ4. Беше ДБ5! Го возев дваесетината километри до Бат и го вратив назад. Пол постојано ми велеше: „Ајде, стисни гас!“ Не сакав, бидејќи имав голема трема. Си мислев: ако се зачукам негде, единственото по што ќе ме паметат ќе биде дека сум човекот што го убил Пол Макартни.

Поминаа многу, многу години, и еден ден излегував од салата за проби во Ковент Гарден и го видов Пол Макартни како излегува од друга врата и тргнува кон мене. Рече: „Патрик Стјуарт! ДБ5! Ти го возеше мојот автомобил!“

Следното име е Вивиен Ли.

Кога имав дваесет години, лондонскиот Олд вик ме ангажираше за светска турнеја со три претстави, во сите три со Вивиен Ли во главната улога. Во тоа време Вивиен Ли сѐ уште беше огромна ѕвезда и веќе имаше освоено Оскари. Прифатив пред воопшто да ги дознаам деталите од понудата. Во сите три претстави заедно имав вкупно четири и пол реплики! Но добивав прилично добра плата – 35 фунти неделно. Една од претставите беше за Маргарита Готје, прекрасна проститутка од високото општество во деветнаесеттиот век, а таа улога ја играше Вивиен. Јас требаше да го играм нејзиниот љубовник, богат постар човек. Но се покажа дека тој има само една сцена, и тоа без ниту еден збор. Требаше да дојдам до вратата што водеше во театарска ложа во која седеше Маргарита. Публиката ќе ме видеше како влегувам, таа ќе ми дадеше знак да ѝ пријдам, јас ќе се наведнев над нејзината рака и ќе ја бакнев, а потоа вратите ќе се затвореа. Првиот пат кога го направивме тоа, си помислив: Боже мој, ќе бидам сам со Вивиен Ли! По сцената седевме во полумрак, зашто не можевме да излеземе од ложата додека не заврши тој дел од претставата. Таа рече: „Патрик, драго момче, седни тука и кажи ми, што правеше денес?“ Бев како маѓепсан.

Така се среќававме секоја недела околу петнаесет месеци. Нашите разговори стануваа сѐ попријатни и позабавни. Не би рекол посекси, бидејќи таа беше жена што многу внимаваше на пристојноста, а и нејзиното тогашно момче беше во ансамблот. Дојде и на прославата на мојот дваесет и прв роденден. Сѐ уште го чувам памучното шамивче со боја на килибар што ми го подари, натопено со нејзиниот парфем.

Фасцинантно. Океј, следното име е Ал Гор.

Снимав филм во 2000 година, кога директорот на студиото ми рече: „Патрик, Ал Гор ќе дојде да одржи говор на една од нашите сцени. Дознав дека е обожавател на ‘Ѕвездени патеки’, па дали би сакал ти да го претставиш пред публиката?“ Реков: „Секако. Многу го почитувам“. Беше прекрасен, многу срдечен, воопшто не беше надмен. Го претставив, излезе на сцената и доби голем аплауз. Стоев зад кулисите и го гледав. Но тоа што го видов малку ме унеспокои. Кога почна да зборува, ја стави едната рака во џебот. Потоа ја вадеше, гестикулираше, па ја ставаше другата рака во џебот. Тоа го правеше во текот на целиот говор, постојано менувајќи ги рацете. Изгледаше премногу лежерно. Не изгледаше како лидер на партија што зборува за својата кандидатура за претседател на Соединетите Американски Држави. Кога заврши говорот, му реков: „Може ли да ви дадам само еден совет? Кога ги ставате рацете во џебовите, изгледа како да се обидувате да покажете колку сте опуштени и колку ви е пријатно. Но ако не ги ставате рацете во џебовите, туку едноставно стоите и гестикулирате, ќе изгледате поотворено, послободно, и ќе гледаме човек што е ослободен“. Тој рече: „Фала многу. Тоа е одличен совет“. Потоа гледав други моменти од неговата кампања, а тој и понатаму ги ставаше рацете во џебовите.

Потоа, пред неколку години, бев на еден настан. Држев чаша вино кога одеднаш почувствував дека некој ме потчукнува по рамото. Се свртев – Ал Гор. Ми рече: „Да ве послушав, можеби денес ќе бев претседател на Соединетите Американски Држави“.

Следното име е Вупи Голдберг.

Во втората сезона на „Следната генерација“ ме известија дека Вупи Голдберг ќе ѝ се приклучи на актерската екипа. Таа штотуку беше номинирана за Оскар. Си помислив: Зошто таа би сакала да се приклучи на научнофантастична серија што веќе се емитува една година? Беше прекрасна – срдечна, пријателски расположена и, се разбира, духовита. Еден ден, додека ја подготвуваа светлината за сцена или ја менуваа сценографијата, таа седеше сама. Седнав до неа и реков: „Вупи, не ми е јасно зошто се согласи да го правиш ова“. Таа ми ја раскажа приказната за своето детство и за тоа што ѝ значеле оригиналните „Ѕвездени патеки“, со Леонард Нимој и Бил Шатнер. Рече: „Во актерската екипа имаше и една црна жена, Нишел Николс. И тоа ме натера да помислам: една од нас успеала“. Нејзиното присуство не беше значајно само поради улогата, туку и поради она што го навестуваше за иднината – една од нас ќе успее. Тоа многу ми се допадна. Оттогаш станавме блиски пријатели.

Следното име е Стинг.

О, Господе. Ова е најсрамната приказна. Го снимавме „Дина“ (во 1983) и дознав дека на актерската екипа ќе ѝ се приклучи некој по име Стинг. Си помислив: Стинг? Какво чудно име. Никогаш во живот немав слушнато за него. Неколку дена подоцна се појави, неверојатно згоден човек. Еден ден, исто како Вупи, седеше сам, па му пријдов и реков: „Се немаме запознаено. Јас сум Патрик Стјуарт. Ми кажаа дека вие сте музичар. На што свирите?“ Тој рече: „На бас“. Јас реков: „Знаете, отсекогаш сум се чудел зошто луѓето решаваат да влечкаат толку огромен инструмент. Некои од нив се поголеми од самите музичари! Зошто не свирите флејта или нешто слично?“ Тој се насмеа. Потоа прашав: „Па, дали сте во некој бенд?“ Рече: „Да, во Полис“. А јас прашав: „Свирите во полициски оркестар?“ Тој сфати дека немам поим кој е. А немаше поголема ѕвезда од него.

Сер Иан Мекелен.

Иан е еден од моите најблиски и најдраги пријатели. Прекрасно ја водеше нашата свадбена церемонија. Еден ден бев во Ковент Гарден во Лондон, а тој одеше во спротивната насока. Ме праша: „Што правиш?“ Му реков: „Треба да почнам со пробите за ‘Магбет’“. Малку ми беше непријатно да го кажам тоа, бидејќи тој беше Магбет на мојата генерација, во претстава што ја играше со Џуди Денч. А тој рече: „О, може ли да ти дадам еден совет? Во стихот ‘Утре, и утре, и утре’, најважниот збор е ‘и’“. Реков: „Аха, сфаќам“. Тој продолжи: „Да, ‘утре И утре И утре’“. Го изведе тоа среде улица во Ковент Гарден. Луѓето почнаа да се вртат, бидејќи нѐ препознаваа двајцата. Тој совет ми ја отвори улогата. Ти благодарам, сер Иан.

И конечно, кралицата Елизабета Втора.

Со Нејзиното Величество се сретнав неколкупати, во прилики со различен степен на формалност, можеби на некоја забава во градината на Бакингемската палата. Потоа, на мое огромно изненадување, ми беше понудена витешка титула. Бев пресреќен кога дознав дека личноста што ќе ме прогласи за витез ќе биде Нејзиното Величество. Кога претходно го добив Орденот на Британската Империја, ми го врачи принцот Чарлс, кој, според мене, е прекрасен и исклучителен човек. На денот кога станав витез, кралицата ја изврши церемонијата, а јас успеав да не паднам и да не се сопнам од тепихот. Кога заврши церемонијата, таа накратко разговараше со секој што доби одликување тој ден. Ме погледна со убава насмевка и ме праша: „И колку долго го правите ова?“ А јас одговорив: „Многу долго, Ваше Величество“.