Отворена изложбата „Револуција во кадар“

Поставката нуди фотографско патување низ четири децении од македонската историја, почнувајќи од основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, па сè до политичките и општествените случувања во меѓувоениот период, заклучно со 1934 година.

2
Отворена изложбата „Револуција во кадар“
Фото: МКД.мк

Преку оригинални портрети, групни фотографии и ретки визуелни сведоштва, посетителите во наредната седмица, до кога ќе биде поставена изложбата, ќе може да се запознаат со ликовите на македонски револуционери, војводи, комити, интелектуалци, црковни дејци и жени вклучени во револуционерното движење. Покрај познатите личности, изложбата претставува и помалку познати или речиси заборавени учесници во македонската револуционерна историја.

Особена вредност на поставката е што значителен дел од фотографиите досега не биле објавувани, а некои првпат ги откриваат ликовите на личности познати само од пишаните историски извори. Станува збор за оригинални фотографски примероци собирани и истражувани со години, како дел од поширок процес на пронаоѓање и документирање на македонското фотографско наследство.

Реклама

На отворањето на изложбата „Револуција во кадар – ВМРО низ фотографии 1893 -1934“ присуствуваше и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој објави дека изложбата „го оживува споменот на едно време исполнето со борба, жртва и непокор“ и ни овозможува „да се доближиме до едно од најзначајните поглавја на македонската историја“.

„Историјата не е само спомен од минатото, туку аманет за иднината. Народ што ги памети своите корени, ги почитува своите херои и го чува својот идеал, знае кој е и каде оди. Свои на своето“, напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.

Изложбата во МАНУ е организирана во три тематски целини што ги опфаќаат периодите пред и по Илинденското востание, времето на Балканските војни и Првата светска војна, како и меѓувоениот период до 1934 година.

Според рецензентите, проф. д-р Никола Жежов и проф. д-р Теон Џинго, една од особеностите на поставката е што на едно место претставува личности од различни револуционерни организации и политички струења, овозможувајќи поширок поглед кон македонското револуционерно минато.

„Револуција во кадар“ се надоврзува на изложбата „Лицата на револуцијата“, која беше поставена пред три години, продолжувајќи го истражувањето и јавното претставување на реткото македонско фотографско наследство.