
Детската градинка „Гоце Делчев“ во Општина Илинден доби две нови занимални, со што капацитетот ѝ е зголемен за 50 места, на околу 650 деца. Во општинската зграда е отворен и шалтер за услуги од областа на социјалната и детската заштита.
Двете нови занимални се уредени со реконструкција и пренамена на просториите на поранешната кујна, откако во употреба била ставена новата централна кујна. Со проширувањето, градинката добила уште 50 места, а нејзиниот вкупен капацитет е околу 650 деца.
Во поткровјето на централната кујна е опремен и повеќенаменски простор за вработените, наменет за подготовка на воспитно-образовни активности и проекти, како и за одмор.
Посетителите го разгледале и новоотворениот шалтер за социјална работа во зградата на Општина Илинден. Граѓаните таму ќе можат да поднесуваат и обработуваат барања за права од социјална и детска заштита секој вторник и четврток, без да патуваат до надлежните институции во Скопје.
При посетата присуствувале градоначалникот Александар Георгиевски, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, пратеничката Драгана Бојковска и директорот на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, Хамза Амети, како и претставници на јавни установи и на Советот на Општина Илинден.



