ЕУ нотира недовршена заштита на природата и одложени културни стратегии

Европската комисија нотира одложувања во културните стратегии и недовршена заштита на значајни природни подрачја, додека спроведувањето на препораките на УНЕСКО за Охридскиот Регион се соочува со предизвици.

7
ЕУ нотира недовршена заштита на природата и одложени културни стратегии (Kejt)
Фото: Kejt

Европската комисија нотира одложувања во усвојувањето на културните стратегии и недовршена заштита на природни подрачја, меѓу кои Охридското Езеро, Студенчишко Блато и Кањонот Матка. Спроведувањето на препораките на УНЕСКО за Охридскиот Регион и натаму се соочува со значителни предизвици.

Во Поглавјето 26 за културата, Европската комисија наведува дека повторно е одложено усвојувањето измени на националното законодавство. Не се усвоени ниту националната стратегија за развој на културата со акциски план, ниту стратегијата за заштита и користење на културното наследство за периодот 2026–2030 година.

Реклама

Комисијата оценува дека Министерството за култура треба да ги зајакне институционалните капацитети и да обезбеди доволно средства за заштита и промоција на културните изрази. Потребна е и подобра соработка меѓу институциите, особено во заштитата на културното наследство, за кое надлежностите се поделени меѓу централното и локалното ниво.

Во Поглавјето 27, за животната средина, Комисијата констатира дека сè уште не е донесен Законот за заштита на природата и дека нема напредок во воспоставувањето специјализирана институција за оваа област. Според оценките пренесени од Охрид СОС, административните капацитети за планирање, следење и спроведување на заштитата се недоволни.

Означувањето на Охридското Езеро, Студенчишко Блато и Кањонот Матка како заштитени подрачја, како и повторното прогласување на Националниот парк Маврово, сè уште не е финализирано. Државната финансиска поддршка за четирите национални паркови продолжила во 2026 година, но финансирањето на заштитата на природата останува фрагментирано и недоволно, соопштуваат од Охрид СОС.

Европската комисија наведува дека спроведувањето на препораките на УНЕСКО за Охридскиот Регион се соочува со значителни предизвици и дека е потребен понатамошен напредок. Охрид СОС посочува и на недостиг од квалификуван персонал и реформи за подобро спроведување на правото на ЕУ во животната средина, како и на ограничен мониторинг на воздухот и одложувања во управувањето со отпадот.