Ревизија утврди пропусти во работењето на Железници на РСМ – Инфраструктура

Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење за финансиското работење на Железници на РСМ – Инфраструктура за 2024 година и посочил пропусти во управувањето со имотот и инфраструктурата.

6
Ревизија утврди пропусти во работењето на Железници на РСМ – Инфраструктура (Опсервер)
Фото: Опсервер

Државниот завод за ревизија утврдил неправилности во финансиското работење и управувањето со имотот на ЈП „Железници на РСМ – Инфраструктура“ за 2024 година и изразил неповолно ревизорско мислење.

Државниот завод за ревизија утврдил неправилности во евиденцијата на залихите и имотот, пописот на средствата, како и пресметката и исплатата на плати и надоместоци. Забележани се и пропусти при управувањето со недвижниот имот и трошоците за службените возила.

Реклама

Според ревизорите, дел од материјалните средства во подготовка биле набавени пред 15 години, но никогаш не биле искористени и не биле соодветно евидентирани. Извештајот посочува и недостатоци во планирањето, проектирањето и изградбата на делниците 1 и 2 од источниот дел на железничкиот Коридор 8.

За периодот опфатен со ревизијата не била донесена Национална програма за развој на железничката инфраструктура, ниту бил склучен петгодишен договор за средствата наменети како стимулација за намалување на инфраструктурните трошоци. Не бил изработен ни петгодишен план за одржување.

Ревизорите забележале дека сопственоста или правото на користење на земјиштето и инфраструктурните објекти не е запишано, иако претпријатието ги користи за својата дејност. Во извештајот се наведуваат и застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална инфраструктура, како и долгорочни загуби во работењето.

Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на претпријатието за 2024 година и за усогласеноста со законите и воспоставените политики. Дадени се препораки за надминување на утврдените состојби. Забелешките на директорот по нацрт-извештајот биле разгледани; според Заводот, најголем дел се однесувале на причините и преземените или планираните мерки, а дел не биле прифатени поради недостиг на нови докази.