МЕД ќе учествува во меѓународен проект за заштита на египетскиот мршојадец

МЕД ќе учествува во меѓународен проект за заштита на египетскиот мршојадец, со мерки против труење, криволов и струјни удари.

10
МЕД ќе учествува во меѓународен проект за заштита на египетскиот мршојадец (Опсервер)
Фото: Опсервер

Македонското еколошко друштво ќе учествува во меѓународен проект за заштита на египетскиот мршојадец, кој ќе трае до 2031 година. Активностите ќе вклучат следење на популацијата во Македонија и намалување на заканите долж преселните патишта.

Македонското еколошко друштво (МЕД) ќе учествува во проектот „Безбедно враќање на египетскиот мршојадец“ (LIFE EV Safe Return), кој ќе трае до 2031 година и е кофинансиран преку програмата „Лајф“ на Европската Унија. Проектот го координира Бугарското друштво за заштита на птиците, а во него се вклучени уште 14 партнерски институции и организации.

Реклама

Во Македонија се евидентирани околу 10 гнездечки парови, во Демиркаписката Клисура, Тиквешијата, Мариово и долината на Брегалница, меѓу други локации. Египетскиот мршојадец секоја есен мигрира од Балканот кон Африка, на пат долг повеќе од 5.000 километри. Видот е загрозен од труење, криволов и струјни удари при контакт со небезбедни далноводи.

МЕД ќе ја следи бројноста на птиците во земјава, ќе работи на утврдување и отстранување на заканите и ќе соработува со локалното население. Дел од активностите ќе бидат насочени и кон зачувување на традиционалните сточарски практики, кои се важни за опстанокот на видот.

Проектот предвидува мерки за спречување труење, намалување на ризикот од струјни удари, борба против криволовот и обезбедување безбедни извори на храна. Во Бугарија и Грција планирано е во дивината да бидат пуштени најмалку 40 мршојадци одгледани во европски зоолошки градини или спасени од природата, со ГПС-предаватели за следење.

Едукативни активности ќе се спроведат во пет земји и ќе опфатат повеќе од 4.000 ученици, наставници и млади природозаштитници. Во проектот ќе учествуваат и сточари, ловци, ветеринари, чувари и локални власти.