
Финансиската полиција го пријави управителот на станица за технички преглед во Тетово поради наводна проневера на парични средства во вкупен износ од 41.518.042 денари.
Според соопштението на Финансиската полиција, пријавениот во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година, искористувајќи ги овластувањата на друштвото, противправно присвојувал парични средства наплатени од граѓани и правни лица при регистрација на моторни возила. Тие средства биле наменети за уплата на јавни давачки кон повеќе институции.
На овој начин, на правниот субјект му била прибавена противправна имотна корист во вкупен износ од 41.518.042 денари, на штета на општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст на Република Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Финансиската полиција информира и дека, со цел прикривање на трагите на кривичното дело, во текот на 2022 и 2024 година, пријавениот извршил противправен отпис на јавни давачки во вкупен износ од 17.090.623 денари. При тоа, во сметководствената евиденција го намалил долгот кон наведените субјекти и прикажал помал износ на обврски по основ на јавни давачки.



